Двете најголеми партии продолжуваат да си вперуваат прст за злоупотребени европски пари од „Еразмус“
Опозициската СДСМ денеска излезе со обвинувања, тврдејќи дека злоупотребите на милиони евра од програмата „Еразмус+“ директно водат до владејачката ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ последните случувања во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ги нарекуваат скандал без преседан.
Препорачано
Според СДСМ, Владата предводена од Христијан Мицкоски назначила за в.д. директор на Националната агенција за европски образовни програми лице кое е под активна истрага на ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измами и дека се работи за истрага за злоупотребени 2,2 милиони евра.
„Од 2014 до 2017 година, кога Ана Михајлов (тогаш Митровска) била одговорно лице за евалуаторите во Агенцијата, заедно со Дорина Ѓорчева Митровска, биле доделени над 8 милиони евра европски пари“, велат од СДСМ.
Опозицијата бара истрагата да утврди дали овие средства биле законски распределени или се дел од проневера.
Покрај тоа, СДСМ прашува каква е улогата на Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата и ментор на новата в.д. директорка, и дали тој е посочен во извештајот на ОЛАФ како иницијатор на организирана проневера и незаконско доделување на средства.
Од СДСМ прашуваат и каква е поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“ и дали тие се дел од истата мрежа на сомнителни тендери и злоупотреби идентификувани од ОЛАФ.
ВМРО-ДПМНЕ пак излезе со контраобвинувања за СДСМ, а во кои се вели дека партијата ја користела Националната агенција за европски образовни програми задолжена за „Еразмус +“, за да им додели грантови на свои партиски кадри.
На прес-конференција, членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изјави дека Љубомир Фрчкоски добил грант од 200 илјади евра додека бил амбасадор во ОН во Њујорк.
„Скандалозно во грантот е тоа што проектот траел од 1 декември 2020 до 30 ноември 2023 година, а Фрчкоски е назначен за амбасадор на 20 април 2022 година. Тоа значи дека половина од овој проект тој го раководел како амбасадор на Македонија во ОН“, рече Манасиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ упатија прашања како Фрчкоски го водел проектот додека бил амбасадор и кој го евалуирал проектот.
„Дали Агенцијата вршела контрола за неговото водење? Зошто проектот не бил прекинат кога Фрчкоски бил испратен на амбасадорска функција?“, се прашањата на кои Манасиевски побара одговори.


