Две недели по отворањето на училиштата: Прв бран ковид-19 во училишните клупи

Фото: EPA-EFE/FELIPE TRUEBA

Земјите што решија да ги отворат училиштата во период на пандемија се соочуваат со првиот бран случаи на ковид-19 кај ученици и наставници, но здравствените власти укажуваат дека процентот на заразени не е загрижувачки, барем во почетниот период од школската година.

Во Србија во првите две недели од настава во основните и во средните училишта, вкупно 52 ученици и 20 вработени биле заразени со коронавирус, изјави министерот за образование, Младен Шарчевиќ.

Тој прецизира дека во 1.250 основни училишта 25 ученици биле позитивни на коронавирусот и истакнува дека тоа се „спорадични случаи“, имајќи предвид дека низ Србија има околу 850.000 ученици.

Шарчевиќ истакна дека учениците и наставниците строго се придржуваат до протоколите за настава во услови на пандемија – децата доаѓаат во училиштата со маски и се одржува растојанието. Тој заклучи дека „училиштата денес се најбезбедно место“, бидејќи можноста за пренесување на инфекцијата е многу помала отколку во парковите и спортските терени, каде што децата се дружат вон настава.

Во Молдавија, од 1 до 14 септември, коронавирусот бил дијагностициран кај 187 ученици, 173 наставници и 40 вработени како персонал во училиштата, како и кај две деца од предучилишна возраст. Министерот за образование Игор Шаров изјави дека десет училишта се во карантин и дека 171 одделение било префрлено на далечинска настава.

– Од секој од нас зависи како ситуацијата ќе се развива понатаму. Според првичните податоци, почетокот на образовниот процес во училиштата не доведе до нагло зголемување на бројот на случаи – изјави Шаров.

Од вкупно 1.398 градинки во Молдавија, отворени се 738, а во карантин биле ставени две установи во кои имало по едно дете позитивно на коронавирус.

Директорот за итни ситуации при Светската здравствена организација, Мајкл Рајан, предупреди дека Европа е соочена со пресвртна точка во борбата против новиот коронавирус поради зголемениот број на заразени лица, почетокот на учебната година и доаѓањето на есента.

– Време е да се донесат тешки одлуки за да се заштитат најранливите и да им се овозможи на децата да одат на училиште. Во Европа луѓето наскоро ќе почнат да се враќаат во затворените простори. Притисокот од инфекцијата ќе се интензивира – изјави Рајан.

Во Франција, каде што учебната година почна на 7 септември, затворени се 81 училиште поради позитивни случаи кај ученици или наставници. Министерот за образование Жан Мишел Бланкие изјави дека со карантин се опфатени нешто повеќе од 2.100 паралелки, но и истакна дека тоа е само 0,13 отсто од околу 60.000 училишта во земјата.

– Кога имате само 0,13 отсто случаи, сепак е добро враќањето на училиште. Тоа е најдоброто можно нешто со оглед на здравствената криза – изјави Бланкие.

Протоколите во Франција налагаат да се објави карантин на одделенија во кои ќе бидат откриени најмалку три случаи на ковид-19.

 

Подготвил: Митко Билјаноски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот