ДУИ и Алијанса во коалиција за измените за стекнување македонско државјанство

На МВР му е потребно уште време да изготви мислење за предложените измени во Законот за државјанство, додека пак СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ најавуваат амандмани

Предлог-измените на Алијансата за Албанците за Законот за државјанство добиваат поддршка и од владејачката партија ДУИ. Здружувањето на партиите од албанскиот кампус околу идејата за олеснети критериуми за стекнување македонско државјанство ја обзнани претседателот на Собранието, од редовите на интегративците, Талат Џафери.

Според Џафери, без разлика дали измените се добри или лоши, тој би гласал „за“ доколку, како што вели, главната цел е во интерес на граѓаните.

– Верувам дека и пратеничката група на ДУИ ќе го поддржи предлог-законот. Тоа се вкупно петнаесет пратеници и еве го земам правото да зборувам во нивно име. Ниту еден од нив нема да каже дека е против, само поради тоа што предлог-законот е на иницијатива на опозициската коалиција Алијанса за Албанците-Алтернатива, изјави Џафери гостувајќи во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Високиот функционер на ДУИ во интервјуто додаде дека сега останува на Министерството за внатрешни работи да расчисти со најавите дека измените на законот, кои се веќе во собраниска процедура, ќе претставуваат ризик за државата, односно да дефинира конкретно кои граѓани претставуваат опасност и што поточно ја загрозува државата.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски уште во четвртокот извести дека до почетокот на неделава Министерството ќе го испрати своето мислење за предлог-законот до собраниските служби. Сепак, неофицијално, се доцни поради тоа што се консултираат и се прибираат ставови од сите стручни служби. Од ресорното министерство се очекува и да одговори на прашањата колкава е бројката на граѓани кои би биле опфатени со измените.

Инаку, од партијата што ги предложи измените велат дека очекуваат што поголема поддршка од колегите во Собранието.

– Ние очекуваме поддршка од сите пратеници, бидејќи се работи за закон кој има за цел да реши долгогодишен проблем на граѓаните што живеат тука, а немаат никаков статус. ДУИ, но и останатите групи го имаат законот и има можност за него да се дебатира и да се предложуваат амандмани. Немаме конкретен одговор од политичките партии, но сме отворени да преговараме и да дискутираме, изјави за Слободен печат пратеникот на Алијанса за Албанците, Сурија Рашиди.

Од друга страна, партиите со македонски етнички предзнак исто така споделуваат заеднички став – дека предложениот текст мора да претрпи измени, а во спротивно нема да дадат зелено светло.

Ние како текст, таков каков што е предложен, како пратеници од СДСМ и од мнозинството сме против, не го поддржуваме тој текст. Ние сакаме со амандмани да влијаеме на текстот но исто така да обезбедиме широк консензус од сите пратенички групи затоа што станува збор за долгогодишен проблем на државата. Треба да се обезбеди поширок консензус, треба да се испочитуваат меѓународните стандарди за решавање на вакви проблеми и кога сето тоа ќе биде склопено во еден текст, кога ќе го обезбедиме консензусот тогаш може да ја продолжиме постапката на носење на тој закон, порача координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески.

Претходно високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека партијата ќе поднесе многу амандмани, бидејќи измените ќе довеле до менување на редот и поредокот на државата. Според опозиционерите овој закон не треба да претрпи брзи промени, иако се на став дека постојат лица кои треба да добијат македонско државјанство, но преку јасна процедура.

Кога ги предложија измените, пратениците од Алијансата открија дека очекуваат измените да бидат усвоени што поскоро, односно пред закажаниот попис во април наредната година. Најгласен во критиките беше пратеникот Павле Трајанов, според кого седумдесет илјади лица би можеле да се стекнат со македонско државјанство во случај да се усвојат предлозите на партијата на Зијадин Села.

Измените предвидуваат државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од тројца сведоци или пак еден сведок кој живеел во истото населено место од каде е и барателот. Еден од новите услови е барателот „да владее најмалку еден од службените јазици во Северна Македонија, до тој степен да може лесно да се разбере со околината“, а се отвора и можноста за издавање документи на иселениците, но и нивните потомци.

План „Б“ за амбасадори со двојно државјанство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот