Стотици напуштени кучиња и мачки скитаат по улиците на Дубаи – сопствениците избегале и ги оставиле
Многу странци поради воената ситуација на Блискиот Исток ги напуштаат градовите, оставајќи ги зад себе своите домашни милнеици, што создава огромен притисок врз засолништата и организациите за заштита на животни, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Ветеринарите во последно време добиваат сè повеќе пораки за напуштени животни, а забележан е и порастот на барања за евтаназија. Дел од сопствениците сакаат што побрзо да ја напуштат земјата и не се подготвени да ги покријат трошоците или да ги поминат административните процедури потребни за преселување на милениците во друга држава.
Организацијата за заштита на животни „Кеј Најн Френдс Дубаи“ соопшти дека секојдневно добива бројни барања од луѓе кои сакаат да ги остават своите кучиња во засолниште пред да заминат од Обединетите Арапски Емирати. Во исто време, пристигнуваат и многу пријави за напуштени кученца и мачки.
Волонтерите предупредуваат дека засолништата веќе се преполни и немаат капацитет да примат нови животни. Дополнителен проблем е тоа што собирањето донации и кампањите за финансиска поддршка во Дубаи се строго регулирани, а некои познати интернет-платформи за групно финансирање не се дозволени.
Волонтерката Клер Хопкинс, која соработува со неколку организации за заштита на животни, вели дека многу сопственици се во паника. Поради намалениот број летови, дел од авиокомпаниите моментално не превезуваат животни. Дури и кога транспортот е можен, потребни се дополнителни процедури, како вакцинација против беснило, што може да го одложи патувањето со недели.
Слична ситуација опишува и Ансо Стандер, Јужноафриканка која води засолниште за животни наречено „Шест кучиња“ во Ал Аин, во Обединетите Арапски Емирати. Таа вели дека секојдневно добива десетици пораки од луѓе кои бараат сместување за напуштени кучиња и мачки.
„Само во еден ден добив 27 пораки. Луѓето ја напуштаат земјата и многу учтиво ни велат дека, ако не можеме да ги примиме животните, ќе бидат принудени да ги остават. Станува збор и за случаи со луѓе кои имаат по дваесет мачки и се обидуваат да заминат“, изјави таа.
Во еден случај, додаде Стандер, пред засолништето бил оставен транспортер со четири мачиња и нивната мајка, заедно со порака од сопственикот дека мора итно да се врати во својата земја поради ситуацијата во регионот.
Таа наведе и дека два кучиња биле застрелани во пустината меѓу Обединетите Арапски Емирати и Оман.
„Во вакви времиња животните страдаат тивко. Некои се напуштаат во хаосот, а ние не можеме сами да се справиме. Потребни ни се спонзори за изградба на отворени засолништа за мачки, кафези за кучиња, како и средства за персонал, храна и ветеринарна грижа“, истакна таа.
Активистите предупредуваат дека во време на кризи животните често стануваат „тивки жртви“ на конфликтите и апелираат за поддршка од донатори за да можат да обезбедат повеќе простор, храна и ветеринарна нега за растечкиот број напуштени миленици.


