Државниот пазарен инспекторат го демантира Тошковски

Панче Тошковски , фото Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Државниот пазарен инспекторат, ги демантира објавите Тошковски каде се наведува дека инспектори од Државниот пазарен инспекторат ја злоупотребиле својата службена положба и не постапиле во согласност со Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност.

„Во период од 03- 06 месец 2023 година, од страна на МВР – СВР – Скопје од началникот на Единица за економски и компјутерски криминал, во повеќе наврати беше побарано од Државниот пазарен инспекторат спроведување на координирани акции. Имајќи предвид дека во ваков случај, координатор на акциите е МВР – СВР Скопје, Единица за компјутерски и економски криминал, пазарните инспектори не знаат во кои субјекти ќе вршат надзор се до време на започнување на надзорот кај субјектите. По насоки и во присуство на полициски службеници од Единицата за економски и компјутерски криминал, постапи пазарниот инспекторат во менувачници кои беа одредени од страна на Единицата за економски и компјутерски криминал. При надзорите е констатирано дека дел од субјектите се регистрирани во согласност со Законот за трговски друштва, а дел од нив биле нерегистрирани за што пазарните инспектори изрекле глоби во согласност со важечкиот Закон за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност и го известиле Државниот девизен инспекторат за понатамошно постапување како надлежен врз работењето на менувачниците.

Од страна на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат е постапено во согласност со своите законски овластувања, непречекорувајќи ги своите надлежности, со што не извршиле злоупотреба на својата службена положба и овластување.

Изрично укажуваме дека пазарниот инспекторат нема надлежност да одзема парични средства кои се предмет на работење, ниту пак да проверува дали субјектот има лиценца од НБРСМ. Надлежностите за вршење надзор кај резидентити кои вршат менувачко работење има Државниот девизен инспекторат во согласност со Законот за девизна инспекција и Законот за девизно работење, каде е наведено дека девизниот инспекторат има надлежност кај резиденти кои вршат менувачко работење без лиценца од НБРСМ, да врши надзор, да одзема предмети и парични средства, според член 43, 46 и 51 од Законот за девизно работење.

Државниот пазарен инспекторат ги повикува сите надлежни институции вклучувајќи го и обвинителството да постапат согласно нивните надлежности и да го решат овој случај до крај“, се наведува во демантот.

Претходно, Тошковски објави дека е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување против инспектори од ДПИ.

„Во текот на март и април 2023 година, преземајќи службени дејствија и вршејќи контрола кај три објекти обележани како менувачници, лоцирани во близина на Бит Пазар, Скопје, за кои што било утврдено дека не биле регистрирани како правни лица и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење а подолг временски период работеле како менувачници, пријавените, согласно Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност согласно кој истите сами навеле дека постапуваат, на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење на дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот како и да им изречат глоба во износ од 1000 до 20.000 евра во денарска противвредност“, напиша Тошковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот