Државната УЈП го распродава имотот на државната „Колска“?
Така ќе почне распродажба – дел по дел, работниците ќе останат на улица, а ние ќе сервисираме шински возила во странство – револтирано изјави Тони Арсовски, претседател на синдикален огранок „Колска“ при ССМ од центарот на Велес.
Управата за јавни приходи донела решение за присилна наплата од недвижности на велешката фабриката за шински возила „Колска“ за долг од 37,7 милиони денари (околу 600.000 евра) што фабриката ги има за неподмирени даноци. Во списокот за присилна наплата се наведени голем број деловни објекти што ги има државната компанија.
Препорачано
Дарко Димовски, претседател на ССМ, во изјава за „Слободен печат“ вели дека државата не ги спроведува своите закони и притоа удира по егзистенцијата на работниците.
– УЈП во случајов санкционира претпријатие кое е во државна сопственост. Значи, државата не плаќала даноци! Притоа, голем дел од износот што е наведен во решението за присилна наплата се однесува на камата – вели Димовски.
Според последниот објавен список на должници на УЈП, а кој се однесува за долгови доспеани до 31.3.2022, а ненаплатени до 30.6.2022 година, велешката Фабрика за шински возила должи 35,9 милиони денари (584.000 евра) за неплатено ДДВ и 665.708 денари (10.800 евра) за наплатен данок на добивка.
Од УЈП велат дека „Управата за јавни приходи кон сите даночни обврзници постапува според законските надлежности, процедури и прописи“.
Вчера работниците на „Колска“ излегоа на протест пред УЈП, барајќи да се одблокира сметката на компанијата, да не се распродава имотот и тие да продолжат со работа.
– Слушнавме изјава од вицепремиерот Битиќи дека раководството на „Колска“ е виновно за состојбата во која се наоѓаме. Но, истото тоа одамна ни е речено и на нас. Ние не слушнавме кој е излезот од ваквата состојба. Вчера ни кажаа дека ќе ни ги продаваат објектите. Така ќе почне распродажба – дел по дел, работниците ќе останат на улица, а ние ќе сервисираме шински возила во странство – револтирано изјави Тони Арсовски, претседател на синдикален огранок „Колска“ при ССМ од центарот на Велес.
Претседателот на ССМ Дарко Димовски, кој беше да ги поддржи тамошните работници, информираше дека Синдикатот ја пријавил државата до Државниот инспекторат за труд дека во „Колска“ се исплатувани плати помали од законски гарантираната минимална плата.
– Денеска сме тука пред зградата на УЈП за да кажеме дека сме исправени пред сите што удираат по работничкиот имот. Вчера ССМ ја пријави државата до Државниот инспекторат на труд за да направат инспекциски надзор затоа што нашите работници добиваат во државни фирми плати под минималната плата. „Колска“ е единствена фабрика во Македонија која ги одржува шинските возила. Таму има квалификувани работници, од кои помладите треба да го научат занаетот. За оваа фабрика треба да се изнајде начин како да опстои. Зарем државата треба да храни други економии и да праќа шински возила на поправка во други држави? – праша Димовски.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи за ТВ24 изјави дека „за денешната ситуација со ‘Колска’, одговорност треба конечно да сносат управителот и одговорното раководство во компанијата“.
-За жал, иако Владата направи многу отстапки, како што е исплата на 60 проценти од долгот на „Колска“ кон УЈП (30 милиони денари), тие и понатаму продолжија со неодговорното однесување и не ги подмируваа обврските и роковите договорени со УЈП, иако им беше обезбедена и работа, која исто не е обврска да ја бара Владата – рече Битиќи.
Од Владата во 2018 година најавија дека бараат консултанти за продажба на повеќе државни загубари, меѓу кои и „Колска“ за која рече дека има заинтересиран инвеститор.
Во „Колска“ сега работат 78 работници, но голем дел се возрасни, и според процените за неколку години би останале 40 вработени. Иако сметката е блокирана, со цесии, тие успеале да земаат плата заклучно со мај.


