Дизајн на плакатот: Стефан Петровски

Другото лице на улицата ќе го видиме на фестивалот „Статуа фест“ во Скопје

Во организација на „Театроск“ на 19 и 20 мај, на улицата „Македонија“, ќе се одржи ново издание на фестивалот за улични живи статуи „Статуа фест“, кое годинава е со наслов „Голема брзина на стоење“.

Уличната перформативна уметност е често и силно присутна на улиците во поголемите светски и културни центри со многубројни музички, акробатски, танцувачки и друг вид изведувачи. Во Скопје во последно време тој вид уметност е во застој и освен неколку улични музичари, речиси, и не постои друга понуда.

Тажната, на моменти и депресивна, слика на центарот на главниот град ќе биде променета на 19 и 20 мај, кога на улицата „Македонија“ ќе се одржи седмото издание на фестивалот за улични живи статуи „Статуа фест – Другото лице на улицата“.

Иницијаторот на фестивалот, Војо Љ. Цветановски, извесен период размислувал околу мотото со кое ќе бидат креирани приказните, односно актовите со живите статуи и заклучил дека живееме во време во кое безглавото брзање кон некаде/никаде станало рутина, односно станало наше секојдневие. Затоа фестивалот ќе се одржи со насловот „Голема брзина на стоење“.

– Целта на овогодишниот фестивал за улични живи статуи „Статуа фест“ е да му каже СТОП на овој непотребен синдром на живеење, кој непокането се всели во нашите животи и стана „Добро утро / Добар ден / Добра вечер“ за, речиси, секој еден од нас. Сакаме суштински да ги замислиме нашите сограѓани, а и сите останати [to одблизу ќе го погледнат „Статуа фест“, и да си постават прашање: колку навистина многу кон некаде брзаме? Преку улични живи статуи поставени во најразлични актови, долж улица „Македонија“ во центарот на Скопје, ќе ги замрзнеме во едно место, речиси, сите карактери на едно обично секојдневие за да можат одблизу да се видат себеси како во огледало и да се прашаат: дали навистина е толку многу важно да брзаме, и како безглавото брзање навистина влијае на нашиот живот и на нашето здравје? Ако се прашувам јас, „Статуа фест – Другото лице на улицата“ треба да се поставува најмалку еднаш во два месеци, за крикот кој го испушта да биде уште помоќен одошто е! – потенцира Војо Љ. Цветановски.

Инспирацијата за актовите во перформансот Цветановски ја собирал со секој исчекорен чекор, вдахната воздишка, поглед, насмевка, солза, среќа, тага, едно просто свртување кон десно, лево или назад…, додека чекорел по улиците на било кој град, каде било на Земјината топка. Во реализацијата на перформансите тој не е сам, туку со група истомисленици што уживаат во создавањето улична уметност.

– „Статуа фест“ за мене претставува простор за истражување на најинтимната човекова природа. Простор каде откриваш колку се сите поврзани. Простор каде што сведочиш една суштинска конекција и без физички да интервенираш. Место каде децата можат да го искажат најважниот талент – верувањето – посочува актерот Стефан Вујисиќ, истовремено упатувајќи покана до сите љубопитни да се уверат во неговите зборови на 19 и 20 мај на улицата „Македонија“ во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 178, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот