Драма на Островот: Фудбалски агент со пиштол ѝ се заканувал на ѕвезда од 70 милиони евра
Англиски фудбалер со пазарна вредност од околу 70 милиони евра бил мета на вооружен инцидент во центарот на Лондон, пренесува британскиот „Сан“. Од правни причини идентитетот на играчот засега не се открива, но познато е дека нападот се случил на почетокот од септември, додека тој бил во друштво на пријател.
Препорачано
Според полициските информации, инцидентот завршил со апсење на 31-годишен фудбалски агент кој соработува со неколку англиски репрезентативци. Тој е осомничен дека мавтал со огнено оружје и упатувал закани и обиди за уцена кон пријател на фудбалерот. Играчот и неговиот придружник, за среќа, успеале да избегаат неповредени.
Два дена по настанот, полицијата извршила претрес во домот на агентот вреден над два милиони евра, а поддоцна е пуштен на слобода со кауција, под строги услови според кои не смее да стапува во контакт со фудбалерот ниту да се приближува до клупскиот тренинг-центар.
„Ситуацијата беше навистина застрашувачка. Играчот беше шокиран, но постапи правилно, веднаш ја извести полицијата. Клубот и неговите блиски му даваат целосна поддршка и се надеваат дека инцидентот нема да влијае на неговата игра“, изјавил извор близок до фудбалерот.
Првично, агентот немал дозвола да ја напушти земјата, но судот минатиот месец ги олесни условите на кауцијата и му го вратил пасошот за кратко патување во странство, со обврска да се пријави веднаш по враќањето. Полицијата потврди дека истрагата сè уште е во тек.
Преземено од: Спорт.ком.мк


