Драги деца

Вам ви дадов и прекрасен воздух и вода и планини и долини, но и четири годишни времиња, за разлика од другите „мои малечки“. Се трудев да ги поправам грешките од порано и да ви создадам услови за да се развиете во битија кои ќе донесат промени и ќе ги надминат и освестат вашите постари сестри и браќа. Се трудам и понатаму, ама навистина ми е тешко да чистам и перам по вас, сметам дека сте доволно големи да го направите тоа сами.

Драги мои деца,

Ви се обраќам вам, „поголемите“, на кои „помалите“ ви дале право и обврска да зборувате и решавате за нив. Веројатно сте доволно големи за да ме разберете што ви пишувам, иако не ми е пријатно што ниедна кратка порака не ми ја примате, а воопшто и не ми возвраќате на нив.

Не знам што сè не ви дадов од убавините што им ги дадов на другите мои деца, и не знам дали е моја грешката што толку ве разгалив. Вие сте ми најмладите, сугариња, како што ве викам, заедно со Норвешка, Исланд и Сејшелите. Вам ви дадов и прекрасен воздух и вода и планини и долини, но и четири годишни времиња, за разлика од другите „мои малечки“. Се трудев да ги поправам грешките од порано и да ви создадам услови за да се развиете во битија кои ќе донесат промени и ќе ги надминат и освестат вашите постари сестри и браќа. Се трудам и понатаму, ама навистина ми е тешко да чистам и перам по вас, сметам дека сте доволно големи да го направите тоа сами.

Тргнете прво од тоа куќата што ја викате „Собрание“ и нејзината околина. Порано тоа беше еден убав парк, мала оаза во вашите коцкички од силициум. Имаше неколку јата птици таму, тие ви се пријатели, ви ги требат вишокот инсекти кои ви ги опрашуваат цвеќињата (ама вам ви пречат), ви ги штитат зградите од ситни глодари, а воедно самите ја „наѓубруваат“ почвата за дрвјата.

Вие, битанги едни мали, дрвјата ги исековте затоа што птиците ви ги „какале“ играчките со кои се возите и ги паркирате во тревата околу големата куќа. А многу се возите во вашите мали играчки, чувствувам и во градите, а и ми се жалат вашите помали братчиња и сестричиња дека целиот нивен џепарлак им го крадете од касичката само за да „бришкате“ во шарените играчки, натаму-наваму, без некоја посебна причина. Бидете свесни дека и тие играчки јас ви ги подарив и дека лесно можам и да ви ги земам. На толку многу нови играчки вие сте запнале баш за тие, „најстарите“. И не ми е јасно како не разбирате зошто ви служат нозете, освен за притискање педали, а толку се трудам да ви објаснам уште од кога почнавте да разбирате.

Ама изгледа навистина не разбирате, бидејќи играчките почнавте да ги „играте“ и среде „моите мирни“ езера. Таму има и риби. Рибите од езерата не можат да се преселат на некоја од вашите високи коцки од калциум и железо, како што направија барем дел од птиците во „она“ што го викате Центар. Рибите ќе умрат ако продолжите, а и другите битија со нив. Тоа навистина не можам да го дозволам, па ни од моите омилени деца.

Значи, големи сте и доста со играчките. Пред да почнете да го собирате ѓубрето што сте ми го направиле (а затоа ќе ви пишам и уште едно писмо), прво научете дека вашите играчки се „играчки за мали деца“. Вие сте веќе големи и време е да почнете да се заигрувате и сами, без шарени играчки. Да им дадете и пример на оние кои вам ви ја даваат довербата, деца мои. Да им покажете како треба со ваш личен пример. Да ме направите горда и мене, а не вака – тажна и налутена. Ве молам!

Вашата

Мајка Природа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот