Драган Даравелски, ексдиректорот на Царинска управа, уапсен на „Табановце“
Полицијата денеска на Граничниот премин „Табановце“ го приведе поранешниот директор на македонската Царинска управа, Драган Даравелски, потврди МВР.
Препорачано
Тој ќе биде пренесен во надлежната казнено-поправна установа.
Даравелски е поранешен директор на Царинската управа, кој е осуден за злоупотреба на службената положба во Царината во периодот од 1999 до 2002 година во вредност од над два милиони евра. По изречената пресуда во 2007 година, за Даравелски следуваа и низа кривични пријави за злоупотреба на службената должност и овластувања по разни основи, а меѓу нив најтешката е за неуплатување на приходите од царините во Буџетот на државата.
Второобвинетиот Киро Доцевски, заменик-директорот на Царинската управа, беше обвинет за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Според обвинението, државата била оштетена за 2,5 милиони евра. Судот тогаш одлучи на двајцата да им се заплени имот во висина од 103 575 167 денари.
Даравелски беше баран со потерница на Интерпол и во 2016 година беше уапсен во Белград, но до денес не се случи неговата екстрадиција.
Од Министерството за правда посочуваат дека последната екстрадиција од Србија била барана во јуни 2020 и досега нема одговор на барањето. Претходно, екстрадиции биле барани во 2004, 2013 и 2016 година.


