Милаим Фејзиу, Доста Димовска Фото: Монтажа

Доста Димовска тргната од списокот, контроверзниот Миљаим Фејзиу ќе се слави – Комисијата за култура ја усвои Предлог-програмата за одбележување годишнини на значајни настани и личности

Комисија за култура и туризам едногласно го усвои предлогот на Бисера Костадиновска-Стојчевска, пратеничка на СДСМ, Димовска да не биде дел од годинашните одбележувања, а без ниту една забелешка е прифатено да се одбележат 80 години од раѓањето на Милаим Фејзиу, еден од иницијаторите за референдумот на Албанците во 1992 година

Доста Димовска, поранешната министерка за внатрешни работи во владата на Љубчо Георгиевски и главен кадровик на тогашното ВМРО-ДПМНЕ, е тргната е од Предлог-програмата за одбележување годишнини на значајни настани и личности во 2026 година. Ова значи дека нема да се одбележат 15 години од смртта на Димовска.
И додека собраниската Комисија за култура и туризам едногласно го усвои предлогот на Бисера Костадиновска-Стојчевска, пратеничка на СДСМ, Димовска да не биде дел од годинашните одбележувања, впечатливо е дека во Програмата без ниту една забелешка е прифатено да се одбележат 80 години од раѓањето на Миљаим Фејзиу.
Фејзиу е еден од иницијаторите за референдумот на Албанците во 1992 година, прв претседател на Сенатот на Тетовскиот универзитет и еден од учесниците на трибината во 2021 година за основање партија „Република Илирида“ која се залага за федерализација на Македонија. Фејзиу ќе остане запаметен и по изјавата „Тоа се наши деца“, кога поранешните припадници на ОНА во 2001 година од тетовското Кале пукаа на безбедносните сили.
Комисијата констатира дека Институтот за историја, чиј предлог беше Димовска, може самиот да ја одбележи годишнината од нејзината смрт. Комисијата во заклучокот предлага Собранието да одбележи 94 од 150 предлози за годишнини, предложени од 32 институции.

Бисера Костадиновска Стојчевска Фото: Принтскрин

 Да не се отвора Пандорината кутија

– Зошто да се одбележи 15 години од смртта на Доста Димовска? Ако тргнеме така, ќе треба секоја година да одбележуваме смрт или раѓање на поранешни министри. Ова ќе нè однесе во друга насока од поблагородната која треба да биде цел на предлог програмата. Се извинувам што интервенирам на готов документ, но овој јубилеј треба да биде отстранет. Годишнината на Димовска нека ја одбележи Институтот за историја – рече Костадинова-Стојчевска.

Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се согласува со предлогот Димовска да се тргне од Предлог-програмата.

– Нема потреба да ја оптоваруваме програмата со дефокус кој, пак, може да ја отвори Пандорината кутија. Треба да посветиме внимание на одбележувањето на годишнините на Прличев, Мисирков… – рече Василевска.

Иванка Василевска Фото: Принтскрин

И Драган Недељковиќ од Демократска партија на Србите смета дека на Димовска не ѝ е место во програмата за одбележување значајни личности и јубилеи.

– Ако вакви јубилеи станат дел од Програмата, ќе одиме до недоглед. Имаме и починати претседатели на Собрание. Да се исклучи од Програмата и да не ја оптоваруваме. Предлагам и да ги информираме институциите да не доставуваат вакви предлози – рече Недељковиќ.

Велика Стојкова-Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со Димовска е направен превид, но дека Програмата е соодветна и издржана. Таа се пожали дека институциите не им испраќаат предлози, а пофали вработен во Општина Прилеп кој секоја година им доставува листа на личности и јубилеи.
Пратеникот Халил Снопче од Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари, праша дали од листата со 94 прифатени предлози се прифатени сите кои ги исполнуваат условите и дали има одбиени предлози кои исполнувале услови.
Стојкова-Серафимовска одговори дека секоја година има ситуации кога одбиваат предлози кои не исполниле критериуми за да станат дел од програмата.

– Ги прифативме сите кои се оправдани и чии биографии оставиле трага врз македонската државност. Овие програми секогаш се предизвик, знаете дека имало случаи и кога не се усвојувале. За некои предлози направивме компромис – рече Стојкова-Серафимовска.

 

Кој сè е опфатен со Програмата

Предлог-програмата сега треба да помине во Собранието.
Меѓу најстарите настани и личности што ќе се одбележуваат се 250 години од раѓањето на Сирма Војвода, 180 години од смртта на Теодосиј Гологанов, 150 години од Разловечкото востание и 120 години од смртта на Даме Груев.

Чествувањето на македонскиот јазик ќе биде направено со одбележување на 100 години од смртта на Крсте Петков Мисирков. Освен што ќе одбележува 75 од своето постоење, Државниот архив ќе треба да одбележи и 75 години од смртта на Павел Шатев и Панко Брашнаров. Од поновата македонска историја ќе се одбележи 70 години од раѓањето на загинатиот претседател Борис Трајковски. Од културата ќе се одбележува 60 годишен јубилеј од првиот „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, 40 години од смртта на Ристо Шишков и 20 години од смртта на Петре М. Андреевски.
Според Програмата, ќе се одбележува и 90 години од раѓањето на Ферид Мурат, светски познат лекар со албанско потекло од Македонија, кој беше дел од тимот научници што ја споделија Нобеловата награда за медицина во 1988 година и 15 години од смртта на Аслан Селмани, професор од Природно-математичкиот факултет. Ќе се одбележуваат и 50 години од основањето на Катедрата за турски јазик. Меѓу поинтересните јубилеи се и 100 години постоење на Природно-научниот музеј и Зоолошката градина во Скопје, кои во времето на нивното отворање како институции биле реткост не само на Балканот, туку воопшто во светот. Доајените на македонската народна музика Никола Бадев и Васка Илиева, исто така, ќе добијат државно одбележување од „Танец“ на годишнините од нивната смрт.
Од естрадата ќе се одбележи 15 години од смртта на Гоце Арнаудов, 15 години од отворањето на Спомен куќата на Тоше Проески, како и 50 години од основањето на рок-џез групата „Леб и сол“ и 10 години од смртта на Есма Реџепова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот