Досега петмина кандидати за државен јавен обвинител – звучно име денес се вклучи во трката
Рокот за пријавување за прв обвинител во државата истекува вечерва на полноќ, до кога во Собранието може да пристигне уште некоја кандидатура
На огласот за избор на нов републички јавен обвинител, на адреса на Собранието досега пристигнале вкупно пет пријави, потврдуваат од законодавниот дом.
Препорачано
Како што веќе објавивме, во трката е поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски. Пријави поднеле и обвинителката Лидија Раичевиќ, судијата во Кривичниот суд Ненад Савевски, како и актуелната в.д. републичка јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска.
За прв обвинител во државата, денеска објави дека се кандидира и обвинителката Ленче Ристоска, која ги застапува предметите „Талир“ во кои ја гони владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Таа се пријави и за судија од Македонија во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, но власта го поништи изборот во кој Ристоска беше меѓу тројцата финални кандидати. Во последните недели особено, Ристоска беше мета на силен притисок од власта и линч во провладините медиуми. Таа најави и тужба против премиерот Христијан Мицкоски, кој јавно ја алудираше на неа со деградирачки епитети, иако не ја спомена по име.
Поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски во декември поднесе оставка, непосредно пред мнозинството во Собранието да го разреши на предлог на Владата.
Рокот за пријавување за нов прв обвинител во државата трае до вечерва на полноќ, до кога во Собранието може да пристигне уште некој кандидатура.


