Донацијата од 80.000 евра од АВМУ за ИРЛ предизвика реакции, новинарските здруженија бараат фонд за медиумски плурализам

микорофони/ фото: Слободен печат / Драган Митрески

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) без распишан конкурс и без претходна слична практика додели донација од пет милиони денари, односно 80.000 евра за медиумската непрофитна организација „Истражувачка репортерска лабораторија“ (ИРЛ), со цел, како што соопштија „да ги поддржат критичните гласови кои известуваат за теми кои се важни за граѓаните и да им помогнат да носат информирани одлуки“, а оваа одлука деновове предизвика реакција од сите медиумски здруженија во земјава, без исклучок. Здружението на новинари (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) побараа да се основа фонд за медиуми, Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) апелираше да се дискутира повеќе за финансирањето на медиумите со пари од даночните обврзници, Македонската асоцијација на новинари (МАН) саркастично ги повика сите медиуми веднаш да побараат донација од АВМУ, а здружението „Онлајнмедиа“ ја повика АВМУ да ја запре натамошната постапка.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пак, одговорија дека донацијата за ИРЛ е доделена во согласност со членовите 4, 6, 7, 9, 10 и 11 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности. Одлуката ја донел Советот на агенцијата врз основа на предлогот на директорот Зоран Трајчевски, а по претходно барање од ИРЛ. За оваа одлука на АВМУ да се спроведе се чека на позитивно мислење од Министерството за правда за постоење јавен интерес.

ЗНМ и ССНМ бараат Фонд за медиумски плурализам

Од новинарските здруженија истакнаа дека подолго време се залагаат да се формира т.н. Фонд за медиумски плурализам, од каде што со парите на даночните обврзници ќе бидат овозможени разнородни медиумски проекти кои конечно ќе ја збогатат содржината на домашните телевизии, радија, весници и онлајн медиуми.

Од ЗНМ велат дека со фонд за медиуми кој ќе се полни со донации и гранотви ќе се исполни препораката на Совет на Европа да се покаже грижа за медиумскиот плурализам, да се обезбеди поддршка за истражувачкото новинарство и да се задоволи јавниот интерес. Во препораката е наведено дека за да се зајакне медиумскиот плурализам државите во консултација со медиумите и граѓанските организации треба да развијат стратегии и механизми за поддршка на професионалните медиуми и квалитетното независно и истражувачко новинарство. Од ЗНМ потенцираат дека е пожелна секоја актуелна или идна поддршка која се однесува на зголемување на квалитетот во македонското новинарство.

– Очигледно е дека во Македонија постои сериозна потреба за зголемување на квалитетот во новинарското известување, а особено за зголемување на капацитетите на истражувачкото новинарство и покривање на поширок јавен интерес. Очекуваме и го охрабруваме раководството на АВМУ оваа почетна донација за нови квалитетни иновативни медиумски содржини да ја продолжи, вклучувајќи поголем број на медиумски куќи, но истовремено да ги застапува позициите на еснафските здруженија дека единствен механизам за поттикнување на квалитетна медиумска содржина е законско решение за Фонд за медиумски плурализам – велат од ЗНМ.

Новинари во собрание / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Оттаму укажуваат дека има во ЕУ низа модели на државна поддршка за медиумскиот плурализам, како директни субвенции, даночни олеснувања, државно финансирање, грантови итн. ЗНМ потенцира дека секогаш имале став дека треба да се напушта непопуларниот концепт за финансирање на медиумите преку државни реклами, а да се промовираат идеите за јавни фондови со кои ќе се подобрат иВиди напис квалитетот на медиумските содржини и социјалниот стандард на новинарите и медиумските работници.

И од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) порачуваат дека принципиелно со години се залагаат против финансирање на медиумите со т.н. владини реклами, а тие пари не се користат за медиумските содржини и за статусот на новинарите и медиумските работници, туку за влијание врз уредувачката политика.

– ССНМ се залага за фонд за медиумски плурализам каде ќе може да аплицираат сите медиуми и тоа под строги и прецизни критериуми за проектите кои ќе ги предложат и за начинот на трошење на парите. Сметаме дека во најголем дел парите од тој фонд треба да бидат насочени за подобрување на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници, но и подеднакво за подобрување на квалитетот на содржините, посебно оние кои недостасуваат како што се истражувачките стории, стории за маргинализирани групи, односно за теми за кои ретко се известува – велат од ССНМ.

Од ССНМ додаваат и дека се залагаат за системско даночно ослободување на новинарите и медиумските работници со цел да се зголемат нивните плати.

МАН: Ајде сите да побараме пари од АВМУ

Во Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) велат дека долго време се расправа и уште не е на повидок законско решение по европски стандарди за финансирањето на медиумите со пари од државниот буџет, во полза на квалитетното и одговорно новинарство.

– СЕММ долго време поддржува формирање на т.н. фонд за медиумски плурализам, од каде што со средства од даночните обврзници ќе бидат овозможени разнородни медиумски проекти кои конечно ќе ја збогатат содржината на домашните телевизии, радија, весници и онлајн медиуми. Северна Македонија по примерот на државите од Европската Унија е охрабрена да поддржува квалитетно, независно и истражувачко новинарство, при тоа почитувајќи ја уредувачката автономија на медиумот. СЕММ се залага оваа поддршка да се одвива во законски рамки, според квалитетот на понудата за медиумски продукти и пред се во заштита на јавниот интерес – реагираат до СЕММ.

Медиуми, микрофони / Фото: “Слободен печат” – Митрески Драган

По информацијата за донацијата на ИРЛ, Македонската асоцијација на новинари (МАН) упати повик до сите медиуми да конкуруираат за донации во АВМУ.

– МАН се придружува на напорите на АВМУ да ги поддржи критичните гласови кои известуваат за теми кои се важни за граѓаните. МАН ја препознава и потребата на граѓаните, но и обврската на домашните институции да поддржи квалитет и содржина која ќе помогне да создадеме информиран електорат што ќе биде подобро запознаен со проблемите во сферата на корупција и владеење на правото во услови кога овие проблеми се недоволно претставени во медиумите. Затоа, МАН ги повикува сите традиционални, но и интернет медиуми и платформи во најкус можен рок да поднесат барања до Агенцијата да им се донираат средства. Се надеваме дека АВМУ ќе обезбеди континуирана поддршка на критични гласови на различни медиумски организации во оваа и во сите следни буџетски години. До моментот на формирање на Фонд за медиумски плурализам, очекуваме Агенцијата недискриминирачки и неселективно да се однесува кон сите организации, медиуми и/или новинари за целосна институционална поддршка – се вели во соопштението на МАН.

„Онлајнмедиа“: Прво системско решение, после донации

Здружението „Онлајнмедиа“, пак, бара системско решение при донирање државни пари за медиумите. Здружението ја повика АВМУ да ја запре натамошната постапка за доделување на донацијата и потоа јавно да ги информира сите медиуми за својата намера да додели донација со намената каква што е опишана во одлуката, како и со критериуми за аплицирање за донации. „Онлајнмедиа“ смета дека дури потоа во законски предвидената постапка АВМУ би можела да донесе правилна одлука на која медиумска организација или организации ќе ја додели донацијата од пет милиони денари.

– Ова е прва одлука со која АВМУ доделува донација на еден издавач на еден онлајн медиум. Бидејќи за реализацијата на оваа одлука се очекува позитивно мислење од Министерството за правда, „Онлајнмедиа“ укажува на фактот дека онлајн медиумите (интернет порталите) и нивните издавачи немаат регулиран статус во Законот за медиуми, односно во светлината на тој закон тие де јуре не постојат. Трансферот на државни пари на ентитети кои Законот на медиуми не ги препознава како медиуми во основа е спорен од аспект на легалноста на таквата одлука. Од тие причини, сметаме дека постои сериозна правна пречка за реализацијата на донацијата од АВМУ во полза на ИРЛ со наведената намена, односно поврзана со улогата на ИРЛ како издавач на медиум и креатор на медиумски продукти – соопшти Здружението.

Фото: coe.int

Отатаму ги повикаа Министерство за информатичко општество и администрација и Владата итно да предложат соодветни измени и дополнувања на Законот за медиуми, за да се отстранат ваквите пречки и да се превенираат други проблеми кои произлегуваат од нерегулираниот статус на интернет порталите.

– Здружението ја повикува АВМУ да го осознае фактот дека во македонските медиуми, како во т.н. традиционални така и во онлајн-медиумите, постојат повеќе од еден критички гласови, повеќе медиумски организации кои известуваат за криминал, корупција и за други теми од јавен интерес, со кои на граѓаните им помагаат да носат информирани одлуки. Сите тие медиуми и медиумски организации требало да бидат информирани за намерата на АВМУ да донира државни пари со ваква намена и сите требало да добијат можност, во транспарентна постапка и врз основа на јавно објавени критериуми, да побараат ваква поддршка – апелира „Онлајнмедиа“.

Оттаму нагласуваат дека каков било трансфер на државни пари во медиуми чии основачи се приватни трговски друштва или невладини и профитни организации мора да биде предмет на системско решение, кое ќе обезбеди високо ниво на недискриминација, трансппарентност и отчетност.

АВМУ: Сме давале и ќе продолжиме да даваме

Од АВМУ велат дека една од надлежностите на Агенцијата е да ја поттикнува слободата на изразување и да се грижи за заштита на интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги.

– Во современите демократски општества неопходно е практикувањето на истражувачкото новинарство со истовремено почитување на новинарските принципи и стандарди. Овој новинарски пристап придонесува за одговорно и отчетно владеење како и за откривање информации кои државните и јавните институции, компаниите или одредени личности ги поседуваат, но не сакаат да ги споделат со јавноста, а се од јавен интерес, или пак со нивното откривање преовладува јавниот интерес. Истражувачкото новинарство бара многу труд, време и ресурси и веројатно тоа се главните причини поради кои недостасува во македонскиот медиумски простор. Имајќи го ова предвид, во контекст на поттикнување на професионализмот и поголема застапеност на истражувачките стории, Агенцијата ја додели споменатата донација – одговорија од АВМУ.

Оттаму додаваат дека Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности точно го уредува давањето и примањето на донациите и во него не е предвидено објавување јавен повик или конкурс. Примателот на донацијата е обврзан да ги користи средствата исклучиво за намената за која е дадена донацијата, а нивната исплата се реализира откако ќе биде потврден јавниот интерес од страна на Министерството за правда.

– Досега АВМУ повеќепати има доделувано донации на различни субјекти, водејќи се од целите на јавниот интерес. Финансиски средства се доделени на радиодифузерите за да се поддржи постоењето и непреченото работење на плуралистички медиуми, на Советот на етика, со цел да придонесе за непречено функционирање на единственото саморегулаторно тело за медиуми во земјава, за ублажување на последиците од природни катастрофи и човечки трагедии. Досега, доделените финансиски средства по овие основи, во периодот од 2015-2023 година се во вкупен износ 190.132.305 денари – велат од АВМУ.

АВМУ. / Фото: Архива на Слободен печат

Тие ги наведоа сите организации на кои доделиле средства, меѓу кои има помош за поплавите во Скопскиот регион во 2016 година, донација за справување со последиците од пожарите во Атина, Грција, земјотресите во Албанија и Турција итн, помош за семејствата на загинатите во ковид-болницата во Тетово итн. За медиумите АВМ доделила помош на ЈП МРТ во износ од 30 милиони денари за справување со ковид кризата, за ТВ канал Вис од Струмица три милиони денари за санирање на последици од пожарот што ја зафати телевизијата, како и 250 илјади денари за Спортско радио за организација 30. Јубиларен турнир во мал фудбал на медиумите. АВМУ има доделено и 300.000 денари за поддршка на работата на Советот за етика во медиумите.

– За субјектите на кои била доделена донација, нејзината висина и намената, Агенцијата секогаш била крајно транспарентна и податоците ги објавувала на својата веб страна преку соопштение за јавноста. Во рамки на своите финансиски можности, Агенцијата и понатаму ќе придонесува за подобрување и унапредување на медиумската сфера и професионализмот во медиумите, ќе ја поттикнува саморегулацијата и ќе поддржува и промовира јавни дејности со кои се остварува јавен интерес – велат од АВМУ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот