Доминик Тим, а не Ѓоковиќ ќе биде најголема закана за Надал на Ролан Гарос
Новак Ѓоковиќ и Доминик Тим ќе бидат главните конкуренти на Рафаел Надал претстојниот Ролан Гарос, смета поранешниот шпански тенисер, Алекс Кореча.
Надал во Париз ќе се обиде да дојде до 14. титула на Ролан гарос, а вкупно 21 грен слем титула во кариерата, а според Кореча заканата за Шпанецот доаѓа од неколку тенисери.
– Нормално тука е Новак, потоа Тим, Циципас, Зверев, Шварцман. Мора да ги земеме во предвид и Беретини, Руд иако не сум сигурен дека овие двајца можат да му парираат на Надал кога се игра на три добиена сета на земја. Доколку Тим биде добро и е во форма, сметам дека може да му направи најголеми проблеми на Рафа. Има добар форхенд, бекенд, сервис. Поради стилот на игра, тој му е најголема закана, но и понатаму чувствувам дека се е во рацете на Надал – смета Кореча.
Поранешниот шпански тенисер очекува возбудлив грен слем во Париз.
– Би сакал да видам кој од младите може да ги загрози постарите тенисери. Руд, Оже-Алиасим, Синер, Сонего сите тие се приближуваат кон водечките. Исто така ме интересира и што можат Циципас и Зверев против Надал, Ѓоковиќ и Тим – додава Кореча.