Документарниот филм „Мамутите“ на Тамара Котевска доби поддршка од „Сандбокс фонд“
Најновиот документарен филм на македонската филмска режисерка Тамара Котевска е меѓу добитниците на „Сандбокс фонд“ на Институтот „Санденс“ за 2026 година.
Препорачано
Институтот „Санденс“ преку „Сандбокс фонд“ (Sandbox Fund) поддржува иновативни документарни филмови на пресекот помеѓу науката и раскажувањето, селектирајќи ограничен број автори на глобално ниво.
Во оваа силна конкуренција на автори и проекти поддршката од престижниот „Санденс“ (Sundance) говори за квалитетот и на новиот документарен филм на Котевска со наслов „Мамутите“ (The Mammoths that Escaped the Kingdom of Erlik Khan), кој е во копродукција помеѓу Данска, Македонија, Обединетото Кралство и Португалија, а каде таа се јавува како режисер и продуцент.
Филмот ја следи приказната на млад одгледувач на ирваси од јакутската тундра, кој се соочува со избор помеѓу традиционалниот начин на живот и современите ловци на мамутски заби. Филмот беше снимен во екстремни услови во Сибир и ја истражува комплексната врска помеѓу традицијата и современите економски предизвици.

Минатата година, Тамара Котевска се претстави во Венеција со два документарни филмови, при што проектот за „Мамутите“ беше селектиран на копродукцискиот маркет, а „Приказната за Силјан“ ја имаше европската премиера. Режисерското дуо Тамара Котевска и Љубомир Стефанов беа двојно номинирани за Оскар за документарниот филм „Медена земја“.
Покрај Котевска, меѓу поддржаните автори на „Сандбокс фонд“ на Институтот „Санденс“ за 2026 година е и македонскиот режисер Љубомир Стефанов, што дополнително го потврдува силното присуство на македонските автори на меѓународната документарна сцена.
Извршната директорка на „Сандбокс филмс“, Џесика Хароп, истакнува дека авторите поддржани преку овој фонд „создаваат исклучителни дела на пресекот помеѓу уметноста и науката“, нагласувајќи ја растечката потреба за вакви приказни во независниот филм.


