ДОКУМЕНТАРИСТИКА: „Професорот“ или заборавена легенда

Документарниот филм „Професорот“ на Јордан Дуков е филмско првенче на продукцијата „Кадар“ и досега имаше една затворена проекција за селектирана публика, но истражувачката приказна за одамна починатиот професор и гевгелиски боем Илија Џаџев препорачуваме да ја види целата македонска јавност.

Младата публика со сигурност не знае кој бил Илија Џаџев, но постарите генерации со сигурност ќе се сетат на звуците на неговата хавајска гитара и на поезијата што ја објавил во 19 збирки. Дури и самиот автор на филмот, Јордан Дуков, открива дека прв и последен пат се сретнал со Илија Џаџев на денот на неговиот погреб, кога го збунила погребната поворка, која место крст на челото носела гитара. Илија Џаџев по професија бил професор по географија, но неговите гевгелиски современици го паметат како уметник, како поет со слободна душа и како последниот македонски трубадур, вистинска легенда од нивното време.

Документарниот филм за Џаџев е направен со истражувачки дух. Авторот Дуков си поставил три цели во неговата филмска мисија: да открие што повеќе за животот на Џаџев, да го пронајде неговиот необјавени роман и хавајската гитара повторно да оживее. Поддршка во реализацијата на мисијата добива од семејството и пријателите на Џаџев, но и од српскиот актер Иван Бекјарев, кој бил во роднински врски со Џаџев и има потекло од Гевгелија.

Приказната за Џаџев тече лесно и разбирливо. Како гледач може да ве изненади фактот што јавноста речиси заборавила на една легенда, како што бил слободоумниот поет, широкоград боем и музичар, кој со својата гитара прошетал низ целиот свет и направил околу 6.000 концерти за кои не сакал да земе никаков хонорар. Камерата во рацете на Доријан Миловановиќ и Кристијан Караџовски во филмот има мирен и сталожен од, монтажата на Доријан Миловановиќ е инвентивна и лесно преминува низ повеќе филмски формати, а суптилно се додадени анимациите на Крсте Господиновски. Секако, користената музика е на Илија Џаџев. Продуцентот на филмот, Љубиша Арсиќ од „Кадар“, кој има поддршка и соработка со Агенцијата за филм, Македонската радиотелевизија и „Машина продукција“ треба да вложи напор филмот да стигне до пошироката филмска и телевизиска јавност.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 17, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 февруари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот