Докторката што продавала купони на „Групер“ без дозвола за работа, тврди дека ја прегледала пациентката според Хипократовата заклетва

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Ординацијата е во сопственост на сопругата на претседателот на Интегра доктор Лидија Ристовска, долгогодишен лекар со сите лиценци, специјалист интернист и супспецијалист кардиолог. Според неа, Министерството за здравство е виновно што не и е потпишана работната дозвола

Скопјанката Николина Влаисављевиќ на „Групер“ купила купон за специјалистички преглед за мајка и која боледува од канцер на дојка, во приватната ординација „Асклепиос“, но по направениот преглед, ординацијата одбила да и ги издаде резултатите од направеното испитување, поради тоа што, како што и рекле оттаму, чекаат потпис од Министерството за здравство за нивната работна дозвола. Влаисављевиќ до Државниот санитарен и здравствен инспекторат доставила претставка за случајот, а на „Групер“ купоните се повлечени од продажба. Во меѓувреме, на пациентката Благица Димовска, на прегледот и било усно кажано дека има проблеми и промени на другата града, но без официјален извештај од резултатите семејството не може да појде на онколог и да се бори за животот на жената која боледува од канцер.

СКАНДАЛ На Групер купила купон за лекарски преглед за мајка и што има канцер, од ординација без работна дозвола

Ординацијата е во сопственост на сопругата на претседателот на ,,Интегра” доктор Лидија Ристовска, долгогодишен лекар со сите лиценци, специјалист интернист и супспецијалист кардиолог.

Таа за Слободен печат објаснува дека проблемот настанал затоа што нејзината поранешна ординација, што постоела од 2012 година, ја затворила за да отвори друг правен субјект со цел да одбегне плаќање на надоместок за лиценца кој изнесувал фрапантни 45.500 денари месечно. Со новото отворање на фирма, нејзината концесија би се намалила на само 900 денари месечно и поради тоа таа самата инсистирала да ја затвори старата фирма и да земе нова лиценца за нова. Така и се случило. Но, за неа неочекувано било дека потписот од министерот за здравство Венко Филипче на финалниот документ, односно на дозволата за работа, ќе доцни. Така, на „Групер“ продолжиле да се продаваат купоните за нејзините медицински услуги.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Изразувам жалење за непријатностите кои му се предизвикани на семејството, не по моја вина, туку поради административниот вакуум кој го предизвика Министерството за здравство со ненавременото потпишување на финалниот документ за продолжување со дејноста, иако за тоа се исполнети одамна сите законски услови. По 26 години, првпат се соочувам со ваков флагрантен обид да се наруши угледот и авторитетот на поликлиниката и мојата лична чест од страна на пациент кој молел и инсистирал нејзината мајка да биде прегледана. Првата опција ви е да ја одбиете пациентката поради административниот вакуум на непотпишување на финалниот документ за продолжување со работа, а втората да постапите хумано според Хипократовата заклетва и совеста и технички да го извршите прегледот, со однапред напоменување дека не можете да издадете извештај додека да се надмине административниот вакуум. Во случајов, станува збор за преглед преку Групер и ние сме нивен златен партнер. Купонот се однесува за преглед после 1 април, но личноста инсистираше да биде извршен порано согласувајќи се со тоа дека извештајот ќе биде издаден откако ќе дојде потписот на министерот. Ние сме професионална поликлиника повеќе од 26 години со сите законски лиценци и дозволи за работа, професионални медицински тимови и после стотици контроли на инспекторатите не сме имале ни една забелешка или казна, вели доктор Ристовска за Слободен печат.

Таа додава дека новата фирма ја регистрирала, меѓутоа финалниот потпис од Министерството за здравство на работната дозвола не го добила, иако до први април требало тоа да се случи. Таа вели дека на инсистирање на пациентката го извршила прегледот со претходна напомена дека извештај не може да и даде.

Но, ќерката на нејзината пациентка како невистинито го отфрла тврдењето дека се согласила мајка и да ја носи на преглед под услов да не добие извештај од прегледот.

– Мајка ми е една од најранливите групи. Има канцер, едната града и е отстранета и секоја година правиме контроли за потоа да појдеме на онколог со сите резултати од тие контроли и да ни даде терапија. Купонот го купивме на 17 март и истиот ден ни е закажан термин за 24 март во 17 часот. Тоа го направија електронски, со потврда дека терминот e одобрен. Наредниот ден на лекарката и ја пратив мојата мејл адреса, а на 7 април уште немав резултати. А ни требаат, зашто мајка ми треба да оди на специјалист. Нејзините купони на Групер се повлечени поради мојот случај, зашто ова не смее никому да му се случи, да оди и да плати преглед, а да не добие извештај што му треба за пациент болен од канцер. Групер воопшто не ги обвинувам, бидејќи тие беа најкоректни и се понудија да ни ги вратат парите. Сепак во денешно време, значаен е секој денар потрошен по приватните клиники иако имаме платено здравствено осигурување за во јавните клиники а тоа не секогаш ни е овозможено, вели Влаисављевиќ.

Од „Групер“ велат дека се платформа преку која компаниите можат да продаваат производи или услуги, но тие како компанија не се носители на услугата.

– За жал, немаме можност ниту надлежност да вршиме надзор, истраги или да бараме на увид лиценци и дозволи и слични документи од компаниите. Сè што можеме да направиме и секогаш го правиме е заштита на нашите корисници, односно рефундација на средства секогаш кога има поплаки и незадоволство од страна на корисникот. Во конкретниов случај, во моментот кога до нас допре информација, ние ги стопиравме зделките и направивме рефундирање на корисниците, со што ги заштитивме нив, а понатаму ќе почекаме разврска во врска со правното лице од страна на институциите, велат оттаму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот