СКАНДАЛ На Групер купила купон за лекарски преглед за мајка и што има канцер, од ординација без работна дозвола

Скопјанката Николина Влаисављевиќ, во редакцијата на Слободен печат се пожали дека на Групер купила купон за специјалистички преглед за мајка и која боледува од канцер на дојка, во приватна ординација која што не сака да и ги даде резултатите од направеното испитување, поради тоа што како што и рекле оттаму, чекаат потпис од Министерството за здравство за нивната работна дозвола.

Во меѓувреме на пациентката Благица Димовска, на самиот преглед и било откриено дека на другата града нешто се случува, но без официјални резултати не можат да појдат на онколог и да се борат за здравјето на жената која боледува од канцер.

Редакцијата на Слободен печат во текот на утрешниот ден ќе го објави името на ординацијата откако ќе стапиме во контакт со неа, за да ја добиеме и нивната страна. Влаисављевиќ пак, со намера да алармира дека на Групер купила купон за ординација што вршела прегледи без документација, утре ќе го информира Државниот здравствен и санитарен инспекторат за случајот. Таа во нашата редакција достави кореспонденција со лекарката во која што таа самата и признава дека нема документација за да го издаде извештајот од извршениот преглед.

-Преку Групер купив купон за специјалистички преглед ехо на дојка со доплер, во приватна ординација и не за мене туку за мајка ми која е со долгогодишна дијагноза канцер. Едната града и е отстранета и секоја година правиме контроли за потоа да се појде на онколог каде мора да ги однесеме сите резултати и да ти даде комплетна терапија. Купонот го купивме на 17 март и истиот ден ни е закажан термин за 24 март во 17 часот. Тоа го направија електронски, со потврда дека е терминот како што треба. Преку Вибер ми потврдија. Го платив купонот 900 денари но проблемот не се парите. Појдена е мајка ми на преглед и на самиот преглед и било кажано дека на другата града нешто се случува и кажано и е дека резултатите и извештајот ќе и се пратат на мејл бидејќи докторката не може веднаш. Наредниот ден ја пратив мејл адресата, на 30 март уште не беа стигнати резултатите. Лекарката ми рече дека нешто чека, некои потписи и најдоцна до утредента ќе ми ги прати извештаите. А мене ми требаа зашто мајка ми треба да оди на специјалист и зашто на прегледот и беше кажано дека нешто се случува. Во исклучително тешка состојба чекаме што не е во ред, а тие резултати ни требаат за да одиме на онколог. Не ми го прати резултатот и денеска пак ја побарав на 7 април. Барам објаснување и дознавам дека чека потпис од Министерството за здравство на нејзината работна дозвола, односно дека нејзината работна дозвола е истечена со датум 4 март. И од тогаш нема работна дозвола. И до ден денеска нејзините купони на Групер уште се продаваа, додека не им се јавив да им ја објаснам ситуацијата па ги повлекоа. Зашто ова не треба да му се случи на никого. Парите ќе се вратат но не се тие проблем, Разговарав со Групер и тие разговарале со докторката како да се реши проблемот што мајка ми треба да оди на онколог а резултати нема. И докторката им предложува да ни ги пратат резултатите со датум од 4 март. Да ја лажира датата за работната дозвола да и биде со важност. Јас ги одбив Групер. Одбив зашто сметам дека треба да реагирам по инспекторати, вели Николина Влаисављевиќ, ќерка на пациентката Благица Димовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот