Доктор Лазаров: Знам дека имаат ковид, ама си одат по ресторани, на работа, си шетаат најнормално!

Д-р Ненад Лазаров
Д-р Ненад Лазаров /Фото: Фејсбук

Ем се заразени со омикрон, ем се на работа. Голем број граѓани ги игнорираат симптомите на омикрон варијантата на коронавирусот и го шират вирусот на работните места. Тие ниту се тестираат, ниту се евидентирани во листата заболени на Институтот за јавно здравје, движењето не им е контролирано, ниту пак им се знаат контактите. Ова, заедно со масовните новогодишни прослави, се причините зошто бројот на новозаразени во земјава за една недела порасна за 50 проценти и сега активни се над 10.300 случаи, вели за „Слободен печат“ д-р Ненад Лазаров, матичен лекар од Скопје.

-Во моментот имам ист или поголем број на ковид пациенти без ПЦР тест отколку такви кои имаат направено. Повеќето прават брз тест дома сами и сами си одредуваат колку и дали ќе бидат во изолација! Со закон ми е забрането и немам како да реагирам кога ги гледам по ресторани, си одат на работа, шетаат најнормално, дури и продавачи кои одат по канцеларии, посочува д-р Лазаров.

Во амбулантите матичните лекари не можат да постигнат да прегледаат пациенти кои имаат температура, кашлица, течење на носот и изнемоштеност. Најчесто им се даваат витамини и им се препорачува одмор, а се прават и крвни анализи.

Дека омикрон веќе не е спорадична варијанта, туку варијанта која доминира во земјава, освен високите бројки, покажува и анализата на Институтот за јавно здравје. Таму секвенционирани се 152 примероци на Сарс Ков 2 и од нив кај околу 70 проценти детектирана е токму оваа варијанта. Заразени со омикрон има во Скопје, Охрид, Кочани, Тетово, Велес, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Виница, Неготино и Битола. Загрижува и тоа што варијантата го заобиколува имунитетот, па така во периодот од 3 до 9 јануари пријавени се дури 946 реинфекции, што претставува зголемување за 7 пати споредено со претходната недела.

Најмногу се разболувале младите возрасни категории, оние од 20 до 30 и меѓу 30 и 40 години, а најмалку децата до 9 години. Иако во болниците уште нема простор за паника и има слободни места, сепак, тие почнуваат да се полнат со засилено темпо. Моментално на територијата на целата држава хоспитализирани се 351 пациент, што е за 41 процент повеќе споредено со минатата недела. Најмногу од пациентите се на Инфективната клиника во Скопје и во ГОБ 8 Септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот