Доктор Илија Караманов, стоматолог: Повредите на забите се делат во две главни групи – со и без скршеница

Усната празнина, со сите нејзини составни делови вклучително и забите, е еден од најактивните органи на човечкиот организам.

Ако ги земеме предвид трите редовни оброци, ужинките, консумирањето на разни видови јаткасти плодови, сите вкусни крцкави и препечени додатоци, тортите во кои неретко можеме да наидеме на понекоја заборавена коскичка, ќе заклучиме дека забите се секојдневно изложени на ризик од повредување или поткршување. Детските палавости, спортските активности, инцидентите во смисла ка кошкања и тепачки, возењето велосипеди и мотори, сообраќајните несреќи и уште бројни други фактори, се дополнителен ризик за забите.

Повреди кај кои нема скршеница

Повредите на забите можат да се поделат во две главни групи: повреди кај кои нема скршеница и повреди проследени со скршеница. Најчесто повредите без скршеница поминуваат без никакви последици. Првите неколку дена може да биде нагласена болка на допир на повредениот заб како и чувствително на термички дразби. Во таквите случаи се препорачува поштедување на тој заб од цврста храна и термичми понеутрални пијалаци. Доколку силата која ја предизвикала повредата е од посилен карактер, тогаш може да се забележи изразено расклатување на забот. Се препорачува веднаш да се посети стоматолог, кој ќе ја процени состојбата и ќе ги даде правилните насоки за санирање на состојбата. Во поекстремни случаеви, може да дојде до набивање на забот во самата вилична коска или, пак, негово избивање нанадвор. Ретко, но сепак се случува и целосно избивање на забот. Во тој случај, повредениот треба да го зачува забот во својата усна празнина и тоа под јазикот и итно да се јави на лекар. Стоматологот има можност извадениот заб повторно да го врати во неговата чашка, да го фиксира (шинира) и состојбата се следи во следните неколку месеци. Шанси за прифаќање на таквиот заб постојат.

Повреди проследени со скршеница

Повредите кај кои настанува кршење на делови на забот се исто така честа појава. Скршените делови можат да бидат само на ниво на глеѓта и се санираат со пломбирање. Доколку е зафатен и дентинот (слојот кој се наоѓа под глеѓта), се врши проценка колкава е траумата и близината на пулпата и следствено на тоа се пломбира најчесто со примена на калциумови препарати како подлога. Доколку скршеницата ја зафатила и пулпата, неопходен е ендодонтски третман на тој заб (умртвување). Во порадикални случаи, санирањето завршува со изработка на порцелански коронки. Скршениците на коренот на забот, за жал, најчесто завршуваат со губење на така повредениот заб.

Како една од најкарактеристичните компликации на повреден заб е трауматската циста, која може да се јави и после неколку години. Затоа се препорачува рентгенска контрола барем еднаш во две години.

Доктор Илија Караманов, стоматолог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот