Доктор Александар Петличковски: Природниот имунитет е подобар од вакциналниот, но тоа не значи дека треба да трчаме по инфекции

Доктор Александар Петличковски/ фото: Архива на Слободен печат

До кога имунитетот создаден по вакцинацијата ќе ги крепи граѓаните и колку време трае? Има ли разлика меѓу имунитетот создаден од вакцина споредено со тој создаден по природен пат, односно со прележување на болеста? Директорот на Институтот за имунологија, доктор Александар Петличковски за Слободен печат вели дека има прилично сериозни податоци кои укажуваат на тоа дека природниот имунитет е подобар од вакциналниот имунитет. Тоа, секако, не значи дека граѓаните треба да трчаат по инфекција за да имаат подобар имунитет против ковид, затоа што и вакциналниот имунитет е споредлив.

Информациите на доктор Петличковски се темелат на израелска студија објавена пред само два дена која била спроведена на огромна група испитаници.

ваа студија потврдува дека природниот имунитет е многу солиден. Израелската студија е спроведена на огромна група испитаници и потврдува дека луѓето кои имаат поминато ковид, поретко се инфицираат со Сарс Ков 2 отколку луѓето вакцинирани со две дози. А најдобриот имунитет пак, имаат луѓето кои имаат поминато болест и имаат примено една доза вакцина. Сето ова се однесува на вакцината на Фајзер. Три групи испитаници се анализирани. Едните се само прележани, другата група прележани и вакцинирани со една вакцина Фајзер и третата група, немаат прележано болест а примиле 2 вакцини од Фајзер. Кога ги споредуваат прележаните наспроти вакцинираните. Вкупно има 32 илјади луѓе. Шеснаесет илјади прележале ковид, наспроти 16 илјади вакцинирани а непрележани. Во групата прележани има 19 инфекции. Во групата вакцинирани има 238 инфекции. Тоа е 13 пати разлика. И вакциниран и прележан човек, може да се случи во носот да има вирус и да има позитивен ПЦР тест. Од оваа вкупна бројка на 238 лица во групата на вакцинирани, само 8 стигнале во болница. Ама во другата група, кај прележаните само еден стигнал во болница. Што покажува дека природниот имунитет е подобар и по однос на инфекции споредено со вакциналниот и по однос на завршување во болница. Израелците по шест месеци ја препорачуваат и третата доза и ревакцината кај тие со прележан ковид што оздравеле, бидејќи по 6 месеци почнува да се намалува имунитетот. Не станува после 6 месеци нула, но ако има група на испитаници кои прележале скоро и група на испитаници што прележале пред повеќе од 6 месеци, во тие прележани пред повеќе од 6 месеци ќе има повеќе реинфекции. За да се спречи тоа, има трета доза на вакцина. Најдобрата комбинација за имунитетот е откако ќе се прележи инфкцијата да се прими една вакцина која дава уште подобар имунитет, објасни за Слободен печат професор доктор Петличковски.

Тој додаде дека со трета доза луѓето треба да се вакцинираат по шест месеци, а во препораките за некои земји и по 8 месеци. Некои имунокомпромитирани граѓани, треба да се вакцинираат и порано од шест месеци по прележувањето на болеста. Но, има клучна работа кога станува збор за имунитетот кај тие што прележале, а тоа е фактот што тој имунитет не е униформен.

-Што е логиката во тоа што се препорачува вакцинација па вакцинација? Луѓето кои стекнуваат имунитет со прележана болест имаат неуниформен имунитет. Некој создава многу силен, некој помалку силен имунитет. Вакцините се многу предвидливи по однос на имунитетот што го создаваат. Кај сите создаваат униформен одговор. Затоа препораката е вакцинирање и вакцинирање. Никако ова не смее да се сфати дека треба да трчаме по инфекции за да имаме подобар имунитет. Вакцините создаваат навистина многу споредлив, многу добар имунитет. Но кога ќе ги споредиме, многу е јасно дека природниот имунитет е поефикасен и за него се знае дека барем шест месеци трае. Така што, логиката е по шест месеци од прележување на болест да се оди со една доза, посочи професорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот