Договорот за мир со Иран е при крај, Ормускиот Теснец набргу пак ќе се отвори, вели Трамп
Иранската новинска агенција „Фарс“ ја оспори изјавата на претседателот Доналд Трамп, тврдејќи дека Ормускиот Теснец ќе остане под иранска контрола и дека нема целосно да се отвори. Според агенцијата, може да се врати само предвоениот обем на сообраќај, но не и слободниот премин како порано.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека поширок договор меѓу САД и Иран е „во голема мера договорен“ и дека Ормускиот Теснец ќе биде повторно отворен, со што навести можен напредок кон завршување на повеќемесечната војна, објави „Си-ен-ен“.
Препорачано
„Договорот во голема мера е договорен, предмет на финализирање меѓу САД, Исламската Република Иран и разни други земји“, напиша Трамп на „Трут соушал“.
Иранската новинска агенција „Фарс“ ја оспори интерпретацијата на Трамп, известувајќи дека Ормускиот Теснец ќе остане под иранска контрола според најновата верзија на предлогот што бил разменет меѓу САД и Иран. „Фарс“ тврди дека теснецот нема „да биде целосно отворен“, наведувајќи дека станува збор само за враќање на бројот на бродови на предвоено ниво, но не и за слободен премин како претходно.
Според извор запознаен со случајот, поновите верзии на меморандумот за разбирање, кој Трамп очигледно е блиску да го финализира, би ги завршиле непријателствата со Иран, постепено би го отвориле Ормускиот Теснец и би ја прекинале американската блокада на иранските пристаништа.
Договорот би одмрзнал дел од иранските средства што се чуваат во банки надвор од Иран.
Наскоро ќе биде готово, Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје, вели Трамп
Исто така, би започнал период од најмалку 30 дена за продолжување на преговорите за да се решат преостанатите спорни прашања околу иранската нуклеарна програма, вклучувајќи го и прашањето што ќе се случи со иранските резерви на ураниум збогатен речиси до ниво потребно за нуклеарно оружје.
Трамп рече дека конечните детали сè уште се усогласуваат и дека останува можно некои аспекти од меморандумот да се променат.
Според извештај на „Аксиос“, САД и Иран се блиску до договор што би предвидел 60-дневно продолжување на прекинот на огнот, со можност тој рок да се продолжи ако двете страни се согласат. Во тој период би се работело на повторно отворање на Ормускиот Теснец, а Вашингтон би можел да издаде одредени исклучоци од санкциите за Иран повторно да продава нафта.
Сепак, договорот не е финализиран и сè уште може да пропадне.
Пакистан, кој посредува во разговорите, оцени дека преговорите се движат во позитивна насока.
Иран се обидува со помош на Пакистан да изнајде начин да заврши војната со САД


