Новинарски награди од Совет за етика / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Доделени наградите за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денека ги додели наградите за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“, објавени во периодот од мај 2025 до април 2026 година.

Добитникот на првата награда е Михаил Милошевски за сторијата „Како Македонија ќе го напушти јагленот без да ја загуби енергетската стабилност“, објавена на порталот „360 степени“.

Новинарски награди од Совет за етика / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Втората награда ја добија Александар Методиев и Сузана Мицева од „Нота.мк“ за документарниот филм „Нелегалните патишта на отпадот“.

Новинарски награди од Совет за етика / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Третата награда ја доби Валентина Вурмо за сторијата „Дали, освен сопственото, нè труе и странско ѓубре“.

Новинарски награди од Совет за етика / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Добитниците се заблагодарија за наградите и посочија дека наградите им значат и дека сториите и филмот се резултат на нивна повеќемесечна ангажираност. По доделувањето на наградите, беа поделени и неколку пофалници.

Новинарски награди од Совет за етика / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Претседателот на СЕММ, Леунора Калиќи, рече дека доделувањето на наградите го организираат во пресрет на 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, ден што потсетува дека слободното, одговорно и професионално новинарство не е привилегија, туку темел на секое демократско општество.

– Оваа година на конкурсот пристигнаа 29 стории од 16 автори. Тоа е бројка што охрабрува. Сите пристигнати прилози покажуваат дека кај новинарите постои сериозен интерес, чувствителност и професионален однос кон теми што се од исклучителен јавен интерес. Медиумите мора многу повеќе и многу подлабоко да известуваат за прашања што директно го засегаат квалитетот на живот на граѓаните – потенцира Калиќи.

Шефот на секторот за соработка при ЕУ-делеганцијата, Штефан Худолин, рече дека Европскиот зелен договор, кој почна во 2019 година, ја постави визијата не само за да се решат еколошките предизвици туку и да се реобликува економијата кон одржливост и отпорност и тоа е нивна долгорочна обврска за позелена и поправична иднина. Тој посочи дека се соочуваме со сè поголеми предизвици на лажни информации за климатските промени, кои го поткопуваат јавното разбирање и го одложуваат дејствувањето.

– Ние мораме да се потпираме на медиумите, а во некои случаи тие намерно се потикнувани од разни интереси, се шират бргу преку дигитални платформи, со што се зголемува збунетоста, а последиците од тоа се реални. Дезинформациите се опасни и за реформите, ја продлабочуваат општествената поделеност, ја поткопуваат волјата да се решаваат глобалните кризи. Во ваква средина квалитетното новинарство е незаменливо. Новинарите имаат клучна улога не само во известувањето за факти туку и за давањето контекст за преиспитувањето на лажните информации и да се осигурат дека граѓаните имаат пристап до точни информации. Ќе им оддадеме признание на новинарите што покажале интегритет и храброст во зборувањето за едно од најважните прашања на нашето време – додаде Худолин.

Регионалниот координатор на УНЕСКО, Џошуа Масаренти, истакна дека глобалната тема во 2026 година нè потсетува дека слободата на медиумите е суштинска за да се изгради иднина врз основа на човекови, права, мир и безбедност.

– Оваа порака е мошне важна денес бидејќи, без пристап до реални информации, јавноста не може да одговори на кризите и да донесе одлуки. Без јавна дебата, новинарството станува послабо, а граѓаните се оставени ранливи. Новинарството треба да се вреднува особено во вакво време. Тоа значи да се препознаат храброста, професионалноста и одговорноста на новинарите, кои продолжуваат да работат за јавниот интерес, а кои често се наоѓаат во многу тешки услови – додаде Масаренти.

Извршната директорка на СЕММ, Билјана Георгиевска, рече дека е разочарана од фактот што Македонија сè уште е еколошка црна дамка во регионот.

Новинарски награди од Совет за етика / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

– Во едно интервју со Худолин, тој ми спомна дека регионов загадува многу повеќе отколку земјите во ЕУ. Не треба да се гордееме со тоа и ќе продолжиме да ги поттикнуваме новинарите да работат храбро, посветено, да останат на оваа тема, да има што повеќе вакви прилози во редовните содржини на медиумите – додаде Георгиевска.

СЕММ, во соработка со УНЕСКО, традиционално ги доделува наградите во пресрет на Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 Мај, со цел да се охрабри слободното, одговорно и етичко новинарство и да се укаже на значењето на правото на јавноста на навремено и точно информирање.

Темата на наградите, трета година по ред, е насочена кон заштитата на животната средина, со фокус на разобличување дезинформации поврзани со климатските промени и подигање на јавната свест за ризиците од загадувањето на воздухот, водата и почвата, како и за еколошките „црни точки“ во земјава.

Наградите се дел од проектот „Градење доверба во медиумите на Југоисточна Европа: Поддршка на новинарството како општо добро“, кој е поддржан од УНЕСКО и од Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот