
Доцна е!
Народните избраници цела седмица не смогнаа сили да се здружат и ако ништо друго да излезат со една заедничка порака до граѓаните од Кочани. Можеше да им текне да одвојат една дневница за Кочани или еден месец да ги донираат патните трошоци. Ама не, заедништвото доаѓа до израз само кога се работи за сопствените придобивки.
Дур не е доцна, помагај
Дур не е доцна, верувај
Оти тоа доцна доаѓа за миг
Да не речеш: време немав!
Препорачано
Ова е дел од поемата „Дур не е доцна“ на поетесата и писателка Билјана Андоновска која деновиве случајно ми се појави на социјалните мрежи. Не знам колку луѓе ја прочитале и ја знаат оваа песна сега, ама сигурно требало сите да ја прочитаме многу порано. Тоа „доцна“ навистина дојде.
Во изминатите седум дена од невидената трагедија што се случи во Кочани како на лента се редеа премиерот, министри, портпароли, па почнаа и градоначалници, обидувајќи се да нè убедат колку се експедитивни во потрагата по одговорните и ветувајќи дека сите тие ќе одговараат. Се изнаслушавме за лиценци, фалсификувани и регуларни, за кафулиња, ресторани, дискотеки, за договори за надзор на градби, за обезбедувања и што уште не. Научивме колку надзори направиле инспекторите, колку локали имаат лиценци, колку работат незаконски…
Можеби и очекуваат да ги пофалиме, бидејќи го прават она што им е и работа и што требало редовно да го прават. Па инспекторите за тоа и се платени од граѓаните – да вршат редовно контроли, а не сега да се претставува како да направиле натчовечки напори за да ги откријат „нелиценцираните“.
Зарем е за фалење најавата дека контролата во градежништвото ќе била построга? Зошто не беше построга досега? Кој бил пречката за немањето строгост?
Зарем е за фалење дека сега општините тргнале во контрола на хидрантите по зградите? Досега не знаеја дека во ниеден хидрант нема црево и дека не е функционален? Дека во нашава урбанистичка џунгла нема ни пристап до зградите за, не дај боже, противпожарно возило или брза помош да дојдат?
Тажно е сега, по трагедијата, да се слуша дека половична правда е неправда, дека некој чувствува морална одговорност, ама сега треба одговорност преку дејствување, а не повлекување, дека нема „ваши“ и „наши“, туку одговорни и неодговорни и луѓе. Дека секој еден кој е поврзан со трагедијата ќе биде повикан на одговорност и дека „темелно и посветено се води истрагата како што доликува на една држава која треба да одговори соодветно на ова“. А зарем треба да е поинаку? Зарем требаше да се случи ова за да се „открие Америка“ дека треба борба со системската корупција? Зарем таа „една држава“ не требаше соодветно да одговори на сите досегашни несреќи?
Трагично е, а не тажно, што оние најповиканите – народните избраници цела седмица не смогнаа сили да се здружат и ако ништо друго да излезат со една заедничка порака до граѓаните од Кочани кои, патем, ги избирале. Ако ништо друго, не мораа да измислуваат топла вода, туку просто можеа да се угледаат на пратеникот од Бугарија, кој самоиницијативно собра финансиска помош за семејствата на жртвите и настраданите во Кочани. Можеше да им текне, на пример, да одвојат една дневница за Кочани или еден месец да ги донираат патните трошоци. Ама не, заедништвото доаѓа до израз само кога се работи за сопствените придобивки. Тогаш сите, со неколку исклучоци, се единствени.
И кога јавноста и оние кои ги избрале очекуваа конечно да се фатат за работа, тие си прогласија уште една неработна недела „за да не си ги ископаат очите од говорницата на седница за пратенички прашања“. Фер одлука, барем да се знае што и колку работат.
Тажно е и што сè мора да се прави пост фестум. Зарем требаше да се случи смртта на Фросина за да видиме дека има и сообраќајна полиција? Дотогаш немаше прекршоци? Не се дивееше по улиците? Не се кршеа сите сообраќајни правила? Не важеше она „знаеш кој сум јас“?
Не е утешително тоа што министерот за внатрешни работи нѐ уверува дека ќе се шири бројката на оние кои имаат директна или индиректна инволвираност во трагедијата во Кочани, аргументирајќи дека „досега при слични вакви настани имало нула приведени и нула осомничени за ваков краток временски период“. Можеби ќе се прошири и со некои неодговорни од актуелната власт, којзнае. Ако ништо друго, за да се потврди она што го кажа деновиве „затоа што си ја сакаме Македонија и имаме чесен пристап“.
Патем, уште едно прашање. Каде е претседателката на државата?