До кога Македонците ќе ги слушаат навредите од Каракачанов?

Додека министерката за надворешни работи Екатерина Захариева „мирува“, со изјави кои „играат по нервите“ на Македонците, (најверојатно поради европската „слава“ со изјавата кога Тито го спореди со Хитлер, па влезе и во конкуренција за наградата „Златна тиква“), нејзиниот колега вицепремиерот и министер за бугарската одбрана, Красимир Каракачанов деновиве ја презеде нејзината улога.

Каракачанов во одбрана на тезите дека нема Македонци, македонски јазик, идентитет и историја, во едно интервју во бугарските медиуми рече дека, секој нормален кој прочитал пет стрнаици од историјата поврзана со Македонија ќе знае дека нема македонски идентитет пред 1944 година.

-Не можеш да ја касаш раката која те поддржува и која ти е подадена со братска добронамерност во буквална смисла. Братска затоа што ние сме еден народ и говориме ист јазик. Што и да ми зборуваат и објаснуваат за идентитетот, кој што бил многу древен, секој нормален човек кој што прочитал повеќе од пет странции историја поврзана со Македонија знае дека таков идентитет – македонски, посебен од бугарскиот, пред 1944 -та година не постои, рече Каракачанов за еден бугарски медиум. По ваквите зачестени изјави на Каракачанов но, и на други бугарски политичари, во јавноста се наметнуваат низа прашања, меѓу кои и дали Европската унија ги нотира изјавите кои Македонците ги доживуваат како навреди и дали Унијата има механизам истите да ги спречи.

Според поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца Николовска, ЕУ и Европската комисија секогаш можат да реагираат за нешто што по нивно мислење е навредливо.

– Генерално механизам секогаш постои. Не заради тоа што е упатено према држава која не е членка, или пак затоа што Каракачанов во таа насока неодамна кажа дека Унијата има обврска да ги штити интерсите на Бугарија бидејќи е членка, а не на Македонија која е само кандидатка, туку затоа што ЕУ преку своите органи, прво треба да утврди дали има несоодветен говор. Мислам дека од таму ќе дојде одговор во насока, дека тоа е негово мислење и дека дури и навредливи изјави можат да бидат прифатливи доколу тие се во насока на развивање на дискусија, итн. Тоа е европската пракса. Каракачанов, Захариева, или пак Борисов изјавите ги даваат како политичари. За нив најдобрата порака би била дека, утре или задутре нивните изјави некој ги цени. Ние како држава, во таа смисла, ништо не можеме да направиме, освен на пример, да го тужиме Каракачанов за навреда во неговата Бугарија. Тоа би бил патот, прво тужба пред националните судови, па потоа да се оди понатаму. Но, да не заборавиме дека за судовите се прифатливи и навредливи изјави, вели Цаца Николовска.

За тврдењето, не само на Каракачанов туку за генералниот бугарски став, дека не постои македонски идентитет посебен од бугарскиот, пред 1944 година, Слободен печат разговараше со академик Катица Ќулафкова. Ќулафкова смета дека со таквиот став Бугарија ја уценува Македонија.

– Ако ние го прифатиме стратешкиот став на Бугарија дека постоиме од 1944, 1945, тоа ќе значи дека признаваме оти и по потекло и по род сме Бугари и дека нашата историја е целосно бугарска, односно дека до сега сме ја краделе. Не можете до 1945 да бидете Бугари, а потоа да тврдите дека со некаква алхемична – комунстичка интервениција сме го прифатиле македонскиот идентитет. Тоа може да го кажуваат само луѓе кои воопшто не ја познаваат историјата. Не смее да се прифати понудата „тие ни го признаваат современиот идентитет“, бидејќи со тоа ќе си го порекнеме и современиот идентитет.

Таквата теза е погрешна и треба да биде отфрлена во името на нашите претци кои го кодифицирале јазикот, правеле програми, користеле најразлични форми за културно и револуционерно дејствување. Ние си имаме своја автономна историја која има допирни точки со сите балкански и европски народи. Без признавање на историското наследство, културно и јазично ние ќе се негираме самите себе си, вели академик Ќулафкова.

Во меѓувреме и бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева му одговори на премиерот Зоран Заев. Рече дека позицијата на Бугарија не е лесна за разбирање, но дека не може да се очекува Софија да замижи пред државните интереси.

-Нашата позиција не е лесна за разбирање. Но, тоа не значи дека не треба да продолжиме со напорите да ја објасниме. Во исто време, не очекувајте Бугарија да ги затвора очите, рече Захариева.

Премиерот Зоран Заев смета дека во спорот со Бугарија веќе не знае точно каде лежи проблемот, но дека сепак дијалогот треба да продолжи сè додека не се најде компромис меѓу двете земји.

Заев: Прочистување на правосудството, ревидирање на досиејата и борба со корупцијата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот