Длабинската уметност на Горан Стојчетовиќ со изложбата „Сублимации“ ќе биде претставена во Скопје
Самостојната изложба на слики со наслов „Сублимации“ на српскиот уметник Горан Стојчетовиќ на 7 јуни, во 13:30 часот, ќе биде отворена во Галеријата за етнологија на Музејот на Македонија. Изложбата и работилницата со авторот се во организација на „Партизанска штампа“ и се поддржани од Делегацијата на ЕУ.
Препорачано
– Сликите од серијата „Сублимации“ настануваат како одраз на мојата длабока потреба за монументален експресивен израз на потиснатите чувства на вознемиреност и агресивност под многубројните влијанија и јасната слика на дехуманизација на локалната и светската реалност.
Така се појави и големиот формат како сила на реакцијата, а не како израз на некоја моја уметничка самоувереност или чувство на моќ. Исто така, овие слики бараат и мое телесно ангажирање и физичка кондиција. Тоа значи дека сум комплетно психофизички вклучен во работата, па затоа мојот свесен увид во резултатите е намален. Со тоа, не сум почувствувал потреба да смислам оригинален назив за целата серија и самата изложба, па затоа се решив за научен поим кој воопштено го опишува она што кај мене е истовремено и резултат и извор, манифестација на активните метаморфози на моите агресивни облици на различни нагони.
Серијата ја започнав во 2022-та година. Сликам со акрил и дисперзирани бои на платна, мушама, хартија, картон и ѕид. Најчесто добивам зооморфни битија во разлини односи и симболика – објаснува авторот Горан Стојчетовиќ.
Горан Стојчетовиќ (1975) е уметник и сценограф кој, и покрај академското образование, својот уметнички израз го пронашол во арт-брутот. Во 2024 година го дефинира својот концепт како длабинска уметност, и го основа неформалниот Центар за длабинска уметност.
Тој е основач и претседател на здружението „Арт брут Србија“ (2014–2024) и автор на техниката длабински цртеж, која ја применува редовно со пациенти од ВМА во Белград, но и поширока публика во Србија, регионот и Европа. Неговите дела се изложувани во Париз, Загреб, Нови Сад, Тарту, Белград, и се дел од значајни музеи и приватни колекции. Добитник е на неколку награди, меѓу кои и „Јоаким Вујиќ“ за сценографија. Вработен е како сценограф во Народното позориште Приштина, со седиште во Грачаница.


