Дипломатска офанзива за осигурување на првата Меѓувладина седница со ЕУ до крај на годината

Засилена дипломатска активност на Владата во пресрет на самитите на Европската Унија (ЕУ) на кои се очекуваат клучните одлуки за финализирање на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција до крајот на годинава за време на германското претседателство.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров од вчера е во дводневна посета на Париз во обид да обезбеди француска поддршка во контекст на успешното заокружување на нашата европска приказна оваа година. Тој вчера на средбата со државниот секретар за европски прашања во француското Министерство за Европа и надворешни работи, Клеман Бон заеднички констатирале дека со усвојување на рамката и одржување на првата Меѓувладина конференција ќе се валоризираат сите напори и успеси што ги постигна земјата во изминатиов период и од аспект на реформите, но и во однос на затворањето на билатералните прашања со соседите.

– Не е лесно да се добие француската поддршка и мислам дека Северна Македонија ја заслужи. На некој начин имаме заеднички интерес врз основа на новата методологија, која што треба да се отсликува и низ Преговарачката рамка, што сега се преговара на маса во Брисел меѓу земјите членки и да почнеме конечно со пристапниот процес, работејќи дома да нудиме аргументи за секогаш да ја имаме поддршката на Париз. Мислам дека имаме наше место во визијата на Франција за иднината на Европа, изјави Димитров.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, имаше видео средба со министерот за надворешни работи на Република Естонија, Урмас Реинсалу, на која се заблагодарил за силната поддршка на нашата посветеност во остварување на европските стандарди во сите области и изразил очекување во претстојниот период да се завршат сите подготовки и усогласувања за да се одржи првата Меѓувладина конференција, како прв чекор за градење на нашата заедничка иднина.

Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера преку видео-конференциска врска ја оствари првата официјална средба со еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс, на која дискутирале за евроинтеграциите на Северна Македонија и реформите во областа на владеењето на правото и правосудството.

Маричиќ истакнал дека, покрај сите премрежија, очекува првата Меѓувладина конференција за официјален почеток на преговорите со ЕУ да се одржи до крајот на 2020 година и дека тој процес значително ќе влијае на развојот на Северна Македонија и на темпото на реформите во сите области. Според Маричиќ, позитивниот Извештај на ЕК претставува силен аргумент и доволна причина зашто земјата треба да ги започне официјално преговорите до крајот на година под германското претседателство.

Останува нејасна позицијата на Бугарија во однос на усвојувањето на преговарачката рамка за нашата земја за преговори со ЕУ и одржувањето на првата Меѓувладина конференција до крајот на декември во рамки на германското претседателство со Унијата. Официјална Софија ја услови поддршката за старт на преговорите со ЕУ со напредок во работата на Мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања.

Последниот состанок за усогласување на преговарачката рамка треба да го одржи Советот за општи работи на ЕУ на 10 ноември во Брисел, што се совпаѓа со одржувањето на самитот на Берлинскиот процес во Софија со кој ќе копретседаваат Македонија и Бугарија. На почетокот на ноември во Софија најавена е средба на премиерот Зоран Заев со неговиот бугарски колега Бојко Борисов на која се очекува да бидат надминати недоразбирањата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот