Дип фејк во Шпанија: Тинејџер уапсен за креирање на лажни голи фотографии од соученички
Шпанската полиција денес објави дека истражува 17-годишник кој објавил голи фотографии и видеа од своите соученици на интернет, кои ги создал со помош на вештачка интелигенција, и се обидел да ги продаде.
Препорачано
Шеснаесет ученички од средно училиште во регионот Валенсија, во источна Шпанија, ги информирале властите за употребата на „нивната слика модифицирана со вештачка интелигенција, и на социјалните медиуми и на веб-страница“, со цел „продажба на ваков вид содржина“, објасни Шпанската цивилна гарда во соопштение за медиумите.
Првата жалба во случајот беше поднесена во декември, кога едно од девојчињата пријави дека е креиран профил на социјалните мрежи на нејзино име без нејзина согласност.
Според шпанската полиција, тоа содржело „видео креирано со помош на вештачка интелигенција“ и фотографии „фалсификувани“ на таков начин што прикажаните лица изгледале „целосно голи“.
Откако добила други жалби, полицијата ги испрашувала тинејџерите, а децата се сомневале дека „сторителот може да биде нивен соученик“.
Нивните сомневања беа потврдени кога полицијата ги пронашла IP-адресите на креираните сметки и открила дека тие потекнуваат од „домот“ на средношколецот, кој сега се гони за заведување малолетници.
Шпанија претходно има регистрирано инциденти на споделување порнографски фотографии на малолетници создадени од вештачка интелигенција.
Како одговор на тоа, владата на социјалистот Педро Санчез се согласи во март да го криминализира пренесувањето лажни сексуални видеа создадени без согласност на засегнатите лица со помош на вештачка интелигенција.
Се очекува овој закон, кој владата го опиша како револуционерен во Европа, да биде усвоен од Конгресот.


