Димковски: Наша цел е да инвестираме во развојот на сточарството

Тој најави дека годинава е планирано да се изработат и десет бушотини за бунари за вода на пасиштата кои се соочуваат со недостиг на вода во летниот период.

Македонските бачила од високо планинските региони во земјава годинава за првпат добија струја со средства од Програмата за рурален развој за 2019 година. Набавени се и распределени 50 фотоволтаични панели на бачилата низ целата држава, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски при денешната посета на едно такво бачило во штипскиот регион.

-Освен фотоволтаици набавени се и 150 метални водопоила, кои за првпат се изработени од нерѓосувачки материјал инокс со долготраен квалитет и распределени се на 83 локации на територија на државата, како и пластични црева за вода. Со ова заокружуваме набавка за се што е потребно за подобрување на условите на бачилата. Вкупниот износ на набавената опрема изнесува 23 милиони 875.076 денари со ДДВ, изјави Димковски.

Тој истакна дека во изминатиот период, освен набавката на фотоволтаици и водопила, извршено е пробивање на нови 2,5 километри земјени патишта, како и реконструкција на 22 километри посточеки земјени пасишта до пасиштата. Со тоа, како што рече Димковски, се овозможува полесен пристап до бачилата и полесен транспорт на стоката.

Тој најави дека годинава е планирано да се изработат и десет бушотини за бунари за вода на пасиштата кои се соочуваат со недостиг на вода во летниот период.

-Наша цел е да инвестираме во развојот на сточарството, да создадеме услови како што се пат, вода, струја и преку нашата грижа да ги зачуваме овие богати еко системи и да им помогнеме на сточарите полесно и поефикасно да го работат она што најдобро го знаат, рече Димковски.

Тој потсети дека вчера се исплатија 88,6  милиони денари субвенции за задржано женско јагне и јаре на 4.945 сточари.

Во  таа насока е интервентната мерка која е донесена во услови на пандемија со Ковид 19, а тоа е зголемена субвенција за задржано женско јагне со што вкупната финансиска поддршка за  женско јагне изнесува 2.500 денари по грло.

Директорот на Платежната агенција  Николче Бабовски истакна дека Агенцијата заедно со Министерството и со останатите институции посветено работат на унапредување на условите за развој и модернизација на фармите.

-Таков е и денешниот пример каде со средства од Програмата за рурален развој, а преку ЈП патишта  се електрифицираат патиштата кои се во државна сопственост и се набавија системи за водоснабдување вклучително и поила за стоката во вкупна вредност од 20,2 милиони денари, рече Бабовски.

Тој истакна дека на овој  начин се овозможува бачилата да имаат поповолни услови за развој, како и самите сточари. Смета дека со ваквите чекори пополека, но сигурно македонските пасишта и бачила се доближуваат до стандардите на ЕУ.

-Преку навремената и неселективна исплата на субвенциите и за земјоделците и за сточарите покажавме посветеност за создавање на поволни услови за развој на агро секторот. На овој начин директно  вбризгуваме нови средства, свеж капитал кај сточарите од кој ќе можат да го реинвестираат во обнова на стадата, во набавка на потребната сточна храна или потребна прихрана за стоката, со што ќе овозоможиме квалитетно домашно производство на млеко и месо, рече Бабовски.

Сточарот Зоран  Штерјов од штипскиот регион кој има околу илјада овци на своето бачило посочи дека инвестицијата во фотоволтаици на неговото бачило е голем исчекор  за неговиот бизнис. На овој начин тој ќе има посовремени услови за грижа за своите овци и јагниња, како и поквалитетни услови за чување и преработка на млекото.

Градоначалникот на Општина Штип, Благоја Бочварски истакна дека секоја инвестиција во земјоделството се враќа и на локално, но и на централно ниво.Тие како локална самоуправа,како што кажа, ќе работат на подобрување на патиштата кои водат до бачилата во штипскиот регион.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот