Дигиталното лице на војната (1)

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Сите овие парадокси создаваат хибрид што бранителите тешко може да го препознаат, да го дефинираат за да се одбранат. Но, паралелно на ваквиот субверзивен начин на дејствување, дигиталното лице на војната го видовме и во Украина во онаа директна форма.

Конвергенцијата помеѓу физичкиот и виртуелниот свет, што се одвива забрзано, носи голем број позитивности, но за жал и негативности. На една страна се иновацијата, напредокот, технолошките достигања во повеќе сектори како економијата, иновациите, науката и образованието, здравството, земјоделието, енергетиката и што уште не. Според многумина, овој процес е неповратен и се одвива во речиси секоја сфера на социјалното живеење. Сепак, во контекст на безбедноста создава сериозни проблеми. Една од причините е фактот што овие технологии, а и самиот интернет, никогаш не е правен или дизајниран за безбедност и сигурност. Тие се дизајнирани за комуникација, иновативност, технолошки напредок и за профит. Дополнително, поврзаноста и испреплетеноста на различните системи и технологии ги прави меѓусебно зависни и ранливи едни од други. На тој начин, овие поврзани и меѓузависни системи креираат систем од системи. И во овие системи безбедноста е маргинализирана.
Една од причините за тоа можеби е фактот што архитектите на овие системи како главна преокупација ја имаат или ја имале комуникацијата, испораката на сервисот и услугата. Истовремено, сопствениците на овие системи на тој начин не се водени од патриотски чувства или од чувства за јавното добро. Да, точно е дека постојат одредени исклучоци, ама на крајот на денот сите овие даватели на услуги и сервиси (интернет, соодветни апликации за информациско-комуникациски технологии и сл.) работат со една цел – профитот. Оттука, овие современи технологии и инфраструктурата во која тие се вмрежени заедно се меки цели. Токму затоа одредени актери (државни и недржавни) ги користат овие меки цели како канал за остварување политички и геостратегиски добивки.

Вмреженоста и меѓусебната зависност на овие системи со процесите од физичкиот свет – последица на конвергенцијата помеѓу двата света – им овозможува на злонамерните актери асиметрично со многу малку средства и ресурси да постигнат многу. Тие го користат овој парадокс на модерноста. Како резултат на тоа колку помодерни технологии имаме, толку сме поранливи. Длабоката навлезеност на овие технологии во сите сфери на социјалното, општественото и политичкото живеење им овозможува на злонамерните актери под радарот на класичните концепти за безбедност и одбрана да го загрозат општествениот систем и да го предизвикаат однатре. Каскадните ефекти што се постигаат преку напад или злоупотреба на еден од овие сегменти од таа мрежа од системи и услуги се факторот што ја мултиплицира моќта на нападот преку кој било дел од овие системи, сервиси или услуги.

На пример, користејќи го интернетот, напаѓачите повеќе не мора физички да се блиску. Тие не мора да задвижат сили и ресурси за да може да направат штета. Дополнително, во светот на корисници тие лесно може да го маскираат својот напад и за бранителот да останат анонимни. Бранителот, кој својот концепт за безбедност го изградил врз систем базиран на поредок (на пример, меѓународните принципи и правила за и околу употреба на сила пропишани со договорите и Повелбата на ОН) во вакви случаи е немоќен поради неколку причини. Прво, за да може да го активира својот систем на одбрана мора да биде задоволен одреден праг за употреба на сила. Тој праг е дефиниран и поврзан со дејствувањето на класичните конвенционални сили, со дефинирани видови оружја што директно задвижуваат капацитети и ресурси и имаат соодветна команда тоа се политичките лидери. Оттука, поради воспоставените стандарди на производство, тргување и продажба на оружја и муниција, или пак нивно чување, лесно е да се лоцира кој е нарачателот или извршителот на одреден напад. Врз основа на тоа, ако таквиот напад е агресивен и не е исклучок од генералната забрана на употреба на сила што е дефинирана во тие правила и принципи значи без да ги исцрпи сите мерки за мирно решавање спорови ќе биде меѓународно не само осуден, туку и санкциониран.

Во сегашниот случај, поради т.н. двојна природа на овие технологии или можноста да се користат за цивилни, но и за воени цели или цели за постигнување политичка корист преку употреба на сила и застрашување, напаѓачот често е анонимен. Дури и кога бранителот знае кој може да биде напаѓач тоа тешко може да го докаже. Со тоа, дигиталното лице на војната е еден од најголемите предизвици на современото живеење. Знаејќи го сето ова, одредени држави започнаа, на уникатен начин надвор од класичното разбирање за војната да им пркосат на довчерашните доминантни актери на меѓународната сцена. Паниката што нас од целата оваа приказна нè зафати што поради заспаноста на системот навремено да изгради капацитети за да го апсорбира „импактот“ од едно вакво дејствување, а што и поради предизвикот на либералниот и отворен свет е составен дел од дигиталното лице на војната. Тоа им овозможува на злонамерните актери да ја инхибираат моќта за реакција, само поради тоа што заканите и каналот преку кој овие закани се стремат да го загрозат либерално-демократското општество се под радарот на класичните безбедносни закани. Со тоа, вие практично сте во војна, ама не можете да го класифицирате тој статус или тие напади како војна. Значи не може да кажете дека сте во војна.
Тоа не е само поради меѓународните принципи и правила, туку и заради домашните перцепции, динамики и ставови кои се базираат на тие правила и принципи во пристапот на средствата и методите кои се користат, а се надвор од генералната прифатеност за тоа дека овие дејствија против системот се дефинирани како воени или како дел од војна. Последното е неопходно бидејќи во такви услови цивилното право (најопшто кажано) се трга на страна и почнува да се применува тоа кризно право или правото за во војна. Последното е јасно дефинирано во смисла кој, кога, во кои услови и колку време може да го прави тоа со цел да се избегнат злоупотреби. Механизмот за преминување од мир во војна е преку прогласување таква состојба со што одредени слободи и права се лимитираат. Вонредната и воената состојба се тие механизми кои јасно ја отсликуваа состојбата помеѓу мир и војна (или пак преодот помеѓу овие состојби).

Во меѓувреме еволуцијата на овие настани во либерално демократскиот свет, го дефинираше и поимот криза, кој најпрвин философски или теоретски го издвои од концептот на одбрана и безбедност на општествениот систем како посебен статус давајќи му потребни финеси и специфичности. За разлика од вистинските либерални демократии каде што претпоставките во функционирањето на ваквата новина се базираат врз професионалност, изградени принципи, стандарди и мерливи активности преку кои се цени ефикасноста на еден систем, во квази-либералните демократии сето тоа е „забошотено“. Често во ваквите општествени системи ќе најдете системи за управување со кризи кои се простор и место за поткусурување, „раскусурување“ на политички пазари, во кои квазидемократските лидери едноставно заради комодитетот во кој западнаа по крајот на Студената војна го губат курсот со реалноста со што го „докусуруваат“ системот (последното е наједноставно и народски кажано). Тоа пак, е фактор повеќе напаѓачот да има загарантиран успех во „реметот“ што го приредува. На тој начин, драги мои, дигиталното лице на војната од чисто техничко прашање започнува да предизвикува и експлоатира апстрактни прашања што имаат вредносен коефициент. Односно, од инхибирањето на бранителот класично да се брани според тоа за што е дизајниран и трениран, напаѓачот ако тоа му се дозволи, физичкиот проблем го прави апстрактен. Со други зборови започнува да ги користи вредностите на системот. Ако тие се изопачени од лошо владение или децениска ерозија на вербата на граѓаните во водството, тогаш напаѓачот си нашол дополнителен мултипликатор за неговите напори. Со мал импулс, на пример „лажна дојава“, верижно (објаснето погоре) предизвикува страв кај поединецот и сето тоа вешто го користи. Стравот заради очекувањата, но и заради економската, социјалната, етничката или во краен момент политичката припадност има многу интерпретации, а како резултат на тоа и реакции. Може да е притаен и да се мрчи тајно, за да не се навреди шефот, или пак, да е јавен и отровен, па преку медиуми да се операционализира во секој општествен проблем од комунален до национален. Но, тој поединецот, сакал некој да прифати или не, во демократијата е секогаш во право дури и кога греши.

Последното не е само „узречица“. Тоа е вистина која е рефлексија на триесет и кусур години распаѓање на еден систем кој во даден момент и услови функционирал. Дали бил добар или лош ќе каже времето, ама има еден индикатор кој е битен да се спомене, а тоа е дека триесет и кусур години го разнебитуваме, а негови елементи сè уште функционираат. Сите овие парадокси создаваат хибрид кој бранителите тешко може да го препознаат, да го дефинираат за да се одбранат. Но, паралелно на ваквиот субверзивен начин на дејствување, дигиталното лице на војната го видовме и во Украина во онаа директна форма. За тие нешта веќе во наредниот број.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот