Девојчињата и жените често пропуштаат училиште или работа поради скапи влошки или лоши тоалети
„Младите девојчиња се борат со стигматизација, немаат од кого да научат за правилно менаџирање со менструалните производи што дополнително ја засилува менструалната сиромаштија“, велат од „Новинари за човекови права“.
Mенструалната сиромаштија и понатаму претставува сериозен проблем во Македонија. Истражување на Здружението „Новинари за човекови права“ покажа дека над половина од испитаните девојки и жени пропуштиле училиште или работа поради проблеми поврзани со менструацијата. Исто така, 55,6 отсто сметаат дека санитарните услови не се соодветни за безбедно и достоинствено справување со менструацијата.
Препорачано
Од „Новинари за човекови права“ посочуваат дека ги анализирале искуствата, бариерите и нееднаквиот пристап до менструална хигиена. Целта е да се види што недостасува и да се направат конкретни мерки во образовните институции и работните средини.
Според резултатите, 96,3 проценти од испитаничките користат влошки, што ги прави доминантен избор. Тампони користат 18,5 проценти од анкетираните, додека менструалните чашки и другите алтернативни производи се речиси незастапени. Иако 85,2 проценти од испитаничките изјавиле дека имаат редовен пристап до менструални производи, 11,1 проценти се со спротивно искуство, а дополнителни 3,7 проценти посочиле дека пристапот е повремен и нестабилен.
„Младите девојчиња се борат со стигматизација, немаат од кого да научат за правилно менаџирање со менструалните производи што дополнително ја засилува менструалната сиромаштија“, посочуваат од „Новинари за човекови права“.
Оттаму, по повод Светскиот ден на ментруалната хигиена, почнаа со кампањата за промоција на Пакетот за прва менструална помош (Menstrual First Aid Kit).

„Дури 77.8 отсто никогаш претходно не слушнале за Пакетот. Сепак, повеќе од 90 проценти покажуваат подготвеност за користење на ваков пакет кога би бил достапен“, соопштуваат од Здружението.
Идејата е Пакетот да се промовира низ Скопје и низ земјата. Здружението бара општините да го набават и да им го дадат на училиштата, но тој да биде и на слободна продажба.
„Преку промоцијата на Menstrual First Aid Kit, испраќаме порака дека ниту едно девојче, ученичка или жена не треба да биде оставена без основни услови за достоинствено справување со менструацијата“, посочија од „Новинари за човекови права“.


