Десет секунди за препознавање дијабетес по гласот

Фото: Архива

Вештачка интелигенција препознава во нашиот глас дали страдаме од дијабетес тип 2, вели една нова студија. Дали е тоа волшебно средство кое ќе ја олесни дијагнозата и ќе спасува животи?

И натаму звучи како научна фантастика, но донекаде веќе функционира: вештачка интелигенција врз основа на анализа на човековиот глас може да препознае болести како Паркинсон и Алцхајмер, психички пореметувања, депресии, па дури и срцеви болести.

Машината во гласот препознава укажувања на стеснати крвни садови или исцрпеност и може да даде сигнал дали треба да се отиде на подетален преглед.

Сега една нова студија укажува дека ВИ со запрепастувачка точност може да препознае дијабетес тип 2 – врз основа на анализа на десет секунди од нечиј говор.
Ова се наведува во студија објавена во стручното списание на големата американска мрежа Мејо клиники (Mayo clinic) „MCP: Дигитално здравје“.

Живееме несвесни за дијабетесот

Ширум светот околу 240 милиони возрасни луѓе живеат со дијабетес, а воопшто не се свесни дека го имаат. Девет од десет случаи отпаѓаат на дијабетес тип 2.

Таквите луѓе имаат зголемен ризик од срцев или мозочен удар, како и од лоша циркулација во нозете.

За да се докаже присуство на дијабетес, денес се потребни лабораториски испитувања на лекар, често и повеќе од нив во период од неколку месеци.

Кај тестирањето на гласот, вештачката интелигенција ги следи гласовните промени кои човечкото уво не може да ги забележи. На пример, доволен е само исечок од телефонски разговор.

Компјутерот ги следи мелодиката, ритамот, паузите, висината на гласот. Некои болести оставаат и фонетска трага, на пример како го изговараме гласот „а“. Вкупно, човековиот глас има 200.000 карактеристики кои вештачката интелигенција може да ги следи.

Во новата студија се наведува дека се потребни само шест до десет секунди снимка, како и основни податоци како старост, пол, висина и тежина. Вештачката интелигенција потоа, се наведува во студијата, препознала дијабетес кај жените со точност од 89 проценти, а кај мажите со 86 проценти.

Што откриле научниците?

За програмирање на вештачката интелигенција истражувачите од тимот на Џејси Кауфман од Техничкиот универзитет Онтарио собрале гласови на 267 лица од кои некои боледуваат од дијабетес.

Во текот на две седмици испитаниците по шест пати дневно со својот телефон снимале по една кратка реченица.

Така се собрани дваесетина илјади гласовни примероци и софтверот пронашол 14 акустични карактеристики кои се разликуваат кај луѓето со дијабетес и оние кои го немаат.

„Моменталната дијагностика бара многу време, патување и трошоци. Технологијата на гласот има потенцијал да ги отстрани овие препреки“, вели младата научничка Кауфман.

А што ако се злоупотреби?

Некои стручњаци предупредуваат да не се биде еуфоричен – вештачката интелигенција може да пружи вредно рано предупредување, но болеста на крајот мора да се утврди со класични методи.

Има и поостри критики, главно од таборот на борците за заштита на податоци. Тие предупредуваат на дистописко сценарио во кое работодавците или здравствените осигурувања би го тестирале гласот на луѓето без нивна согласност.

Можеби некој работодавец не сака да вработи човек за кого вештачката интелигенција верува дека веројатно има некои здравствени тегоби. Или пак здравственото осигурување не сака да осигури некого зашто не сака да ги плаќа идните трошоци за лекување.

Извесно е дека последниот збор за размерите на употреба на анализата на гласот нема да го даде науката, туку политиката.

Извор: Дојче Веле/ Автор: Александер Фројнд

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот