Денот на независните музички продавници беше одбележан пред МКЦ

Љупчо Јолевски, Тошо Филиповски и Зоран Павловски - Зоко / Фотографија: Зденко Петровски

Во саботата, 23 април, во Младинскиот културен центар беше одбележан Меѓународниот ден на независните музички продавници (International Record Store Day) во организација на АП(о)ТЕКА – МКЦ.

Во Македонија, овој светски настан се организира од 2017 година. Годинава, честа да биде амбасадор, односно промотер на настанот, му припадна на Горан Трајкоски („Сарацени“, „Афективен набој“, „Падот на Византија“, „Апореа“, „Мизар“, „Анастасија“, Готра, „Мугер фугер“). Неговото име, во изминативе 40 години, се појавува испишано на 12 винилни изданија и на повеќе од 40 други формати (ЦД и касети), издадени во Македонија, Европа и светот. Претходните години, амбасадори беа Васко Атанасоски, Влатко Стефановски, Стојче Цветановски и Александар Петрушевски-Пепе.

По петти пат, и на национално и на интернационално ниво, се избира и „Worldwide Record Store Legend“, почесна титула за страсно колекционерство и долгогодишна поддршка на физичките изданија како носачи на звук (пред сè, на винилот) и континуирана поддршка на малите и независни музички продавници.

Годинава кај нас почеста ја доби новинарот Љупчо Јолевски, страстен колекционер на физички изданија, со особена страст кон винилите, додека претходните години, за македонски „Worldwide Record Store Legend“ беа прогласени Васја Ивановски, Владимир Мандичевски-Манде, Бранислав Димитров-Бране и Гордан Калајџиев.

Оваа година, за првпат беше доделено и специјално признание наречено „Пионери на винилот“ – на браќата Зоран и Димитрија Павловски, Зоко и Денки, легендарните гитарист и басист на групите ВИС „Безимени“ и „Република 903“.

Кога ја снимивме првата плоча не бевме свесни дека испишуваме историја на македонската рок-музика – изјави Зоран Павловски – Зоко / Фотографија: Зденко Петровски

– За првпат во 1969 година снимивме плоча, винил, во студиото на „Београд Диск“. Плочата е снимена на крајот од едномесечната турнеја на „Безимени“ низ Југославија. На А-страната на плочата сме „Безимени“ со обработка на старата македонска песна „Си заљубив едно моме“, а на Б-страната се „Камелеони“, култна група од Копар во тоа време. Во групата јас свирев соло гитара. Песната ја снимивме за само 20 минути, а за тоа време „Камелеони“ ја создадоа нивната композиција. Сѐ се одвиваше брзо, со импровизација и со размена на инструменти. Тоа беше големо искуство за мене. Тогаш не бевме свесни дека испишуваме историја на македонската рок-музика. Плочата е прва, што не значи дека тогаш немаше и друга квалитетна музика, но во Македонија немаше дискографска куќа. Заради тоа многу квалитетна македонска музика од тоа време остана незабележана, а оттаму и заборавена. Би било добро снимената музика да се пронајде, да се дигитализира и да се стави на винил изјави Зоран Павловски – Зоко за „Слободен печат“.

На настанот беа промовирани и две винилни изданија – компилациите „Macedonian Dark Wave 1985-1989“ и „Macedonian New Wave 1979-1987 Vol.2“, двете објавени на ЛП-формат во издание на „Corpus Delicti Records“, а со диџеј сетови учествуваа Роботек, Диах (Diah) и Дабл Џи (Double G).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот