Денеска се навршуваат 26 години од смртта на „принцезата на народот“ Дијана

Фото: EPA

„Би сакала да бидам кралица – кралица во срцата на луѓето. Но, не се гледам себеси како кралица на оваа држава“, вака зборуваше принцезата Дијана во 1995 година.

Денеска се навршуваат 26 години од трагичната смрт на принцезата Дијана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз, Франција, заедно со нејзиниот партнер Доди Ал-Фајед и возачот Хенри Пол.

И покрај тоа што помина толку време, таа остана запаметена како „принцезата на народот“ во Обединетото Кралство. Но, доказ дека таа е сакана од целиот свет е фактот дека нејзиното последно испраќање го следеле 2.5 милијарди луѓе пред малите екрани.

Фото: EPA

Дијана Френсис Спенсер го запознала принцот Чарлс, тогашниот престолонаследник на британската монархија, на 16-годишна возраст. Во тој период, принцот бил во романтичен однос со нејзината сестра Лејди Сара. Нивната љубов „пукнала“ по кратко време, а принцот и Дијана не биле во контакт во следните неколку години.

Нивните патишта повторно се споиле во 1980 година, кога започнале љубовна врска. Неколку месеци подоцна, 19-годишната Дијана се верила со 12 години постариот Чарлс.

Тогаш никој не можел да претпостави дека британската, но и светската јавност ќе се заљуби во следната принцеза. Во прв момент, делувала сосема обично и едноставно, а додека била во врска со Чарлс го добила прекарот „Срамежливата Ди“ во новинарските написи. Тоа се должело на тоа што таа имала навика да ја спушта главата пред објективите на фотографите.

Откако двојката официјално ја објави веста дека се верени, еден новинар го праша принцот: „Дали сте заљубени?“.

„Па, што и да значи тоа ‘заљубени’“, гласеше познатиот, но и озогласен одговор на принцот Чарлс.

Принцот Чарлс и принцезата Дијана
Принцот Чарлс и принцезата Дијана на денот кога ја објавија нивната свршувачка / 24 февруари 1981 / Фото: EPA/STR

Уште од самиот почеток, било јасно дека принцезата Дијана ќе отскокнува од британското кралско семејство и нивната формалност. На неа не ѝ било страв да ги покаже своите емоции, па пред венчавката со принцот била снимена како плаче на аеродромот во Лондон, по заминувањето на Чарлс во Австралија.

Британците веднаш „паднале“ на нејзиниот шарм, опуштеност и реалност.

Двојката се венчала на 29 јуни 1981, а „кралската венчавка на векот“ ја следеле 750 милиони луѓе. Иако многумина ја сметале оваа венчавка како остварување на сонот на секое девојче, новинарката Џени Бонд од „Би-би-си“ раскажа дека Дијана уште оттогаш не била среќна.

„Помина многу време од венчањето кога Дијана, во еден приватен разговор, ми призна дека кога одела кон олтарот се чувствувала како ‘јагне пред колење’. Денес ми е јасно зошто таа претчувствувала дека тој брак нема да биде среќен. Камила Паркер Боулс беше дел од тој однос уште за време на веридбата, но Дијана мислела дека тоа е привремено и дека нештата ќе се променат. Но, тогаш таа ја пронајде алката што Чарлс ја зел за Камила, и тоа додека веќе биле верени“, раскажала Џени.

Фото: Profimedia

Дијана и Чарлс го добија синот Вилијам во првите години од нивниот брак, а потоа и синот Хари. Во тој период, принцезата била зафатена од грижата за децата и со следењето на кралските протоколи, а нејзиниот брак со Чарлс делувал среќен и складен.

За разлика од кралицата Елизабета Втора, мајката на принцот Чарлс, која била многу дистанцирана од децата и одржувала формален однос со нив, принцезата Дијана била многу блиска со своите синови и се обидувала да им овозможи нормално детство. Па, така, една од најпознатите фотографии на Дијана е онаа на која учествува во училишна трка со останатите мајки од училиштето на принцот Вилијам.

Фото: Profimedia

Принцот Чарлс ја започнал контроверзната афера со својата сегашна сопруга Камила во 1986 година, а тој и Дијана почнале да живеат одвоен живот „зад кулисите“. И додека нејзиниот приватен живот се рушел, принцезата се посветила на хуманитарна работа.

Една година подоцна, таа се најде на сите светски насловни страници поради нејзината посета на одделението за лекување на пациенти од ХИВ и СИДА. Во тој период, темата за ХИВ била многу стигматизирана и многумина мислеле дека вирусот се пренесува со приближување до заразените. Принцезата Дијана ставила крај на тие сомневања со тоа што се ракувала со пациентите.

Таа ги кршела оние кралски протоколи кои не соодветствуваале со нејзиниот сензибилитет и ставови. Па, така, од неа се очекувало да носи ракавици во јавност. Но, таа не го правела тоа, се ракувала и разговарала со сиромашните и болните, а со својата топлина им давала надеж дека нештата ќе бидат подобро.

Кога принцот и принцезата заедно присуствувале на одредени настани, сите погледи биле вперени кон Дијана. За разлика од него, на неа ѝ било лесно да допре до народот. Наводно, принцот ѝ бил љубоморен на нејзината природна харизма.

Фото: EPA-EFE/LASZLO VARGA

Принцот Чарлс и принцезата Дијана официјално се развеле во 1996 година, и тоа по предлог на кралицата Елизабета Втора.

Една година подоцна, принцезата дала интимно интервју за „Би-би-си“, во кое ја даде познатата изјава дека во нејзиниот брак „секогаш имало тројца“, мислејќи на неа, Чарлс и Камила. Во истото интервју, таа проговори и за борбата со булимијата, со што повторно покажа дека е вистинска личност, а не формална фигура како што се останатите членови на кралското семејство.

По разводот, Дијана ги посети сиромашните делови од светот и се залагаше против рудниците во Африка. Така таа прошета низ минско поле во Ангола, а едно од нејзините последни хуманитарни патувања беше во Босна и Херцеговина. Три недели по тоа патување, таа загина во Париз, а нејзините синови продолжија со нејзината хуманитарна работа.

Детали од прославата на последниот роденден на принцезата Дијана: Американски милијардер ѝ се додворувал, бизнисмен сакал да се фрли од мостот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот