Велики Четврток- Тајната вечера - Фото: Википедија

Денеска е Велики Четврток – Денот на Тајната вечера и воспоставувањето на вечниот Завет на љубовта

Денеска е Велики Четврток. На овој свет ден, Создателот на Небото и на Земјата, предвечниот и неспознатлив Бог Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух – го воспоставува Своето љубовно, заемно себепредавање со човекот, преку новиот и вечен Завет на љубовта, пишува „Бигорски“.

Денес се извршува тајната на Царството Небесно, Бог се соединува со човекот и човекот се причестува со Бога. Денес, пред Своето страдање, Христос ја основа Светата Тајна Евхаристија, Божествената Литургија, којашто до ден-денес се извршува и којашто ќе се исполни во идниот живот.

Велики Четврток- Тајната вечера – Фото: Религија

Смирението како пример за вечноста

Според Божјиот домострој за спасението на човекот, нашиот Спасител Исус Христос денес ги минува последните часови од животот на Земјата. Откако ги собрал Своите ученици на тајната вечера, Он ја соблекол горната наметка, се препашал за служење и клекнал да им ги мие нозете на учениците. Со овој чин, смирениот Господ ни остави вечен пример за тоа што значи да се биде прв преку служењето на другите.

Потоа, седнувајќи на трпезата, го зел лебот, го благословил и го раздал меѓу учениците, велејќи:

„Земете, јадете, ова е Моето Тело …“ А по вечерата, ја зел чашата: „Пијте од неа сите, ова е Мојата крв на новиот завет … Ова правете го во Мој спомен.“

Од предавството на Јуда до молитвата во Гетсиманија

На овој настан се открива и синот на лукавството, предавникот Јуда, кој брза да Го предаде својот Учител. А Христос, знаејќи сè што ќе се случи, ги носи учениците во Гетсиманија. Таму се моли кон Отецот со силни воздишки и со пот како крв, сè до часот кога го добива лажниот целив од Јуда, договорениот знак за да биде фатен и одведен на судење.

Денес, со благочестие и скрушеност, ги живееме настаните на Тајната Вечера на трпезата Господова, станувајќи сведоци на Божествената љубов, но и на човечката беда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот