Демократски сојуз: Со францускиот предлог бугарските барања стануваат европски, имаме сериозни резерви

Демократски сојуз / Фото: Архива на „Слободен печат“

Демократскиот сојуз изразува сериозни резерви за францускиот предлог за деблокада на почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ затоа што тој во суштина ги апсорбира националистичките и негаторските барања на Бугарија и билатералниот спор, преку преговарачката рамка, го претвора во спор помеѓу Македонија и Европската Унија. Ова е став на партијата Демократски сојуз, која е дел од владејачката коалиција.

„Според документите кои досега ги објавија медиумите, предлог-преговарачката рамка за почеток на евроинтеграцискиот процес и предлог-заклучоците на Советот на Европската Унија, јасно е дека барањата на Бугарија стануваат дел од преговарачката рамка на ЕУ и од нивното исполнување ќе зависи нашиот напредок кон Европа. Тоа значи дека нашите евроинтеграции стануваат заложник на антимакедонските интереси во Софија, овојпат со европски печат“, се вели во соопштението на ДС.

Очигледно е, додаваат од партијата, дека предлогот е резултат на претходно усогласување на претставници на владите на Македонија и Бугарија, но фактот што постојат или се најавени повеќе документи кои се однесуваат на спорот, протоколи што треба да ги потпишат двете земји, како и Акциски план, кои треба во детали да опишат што се треба да направи Македонија, во суштина значи прифаќање на нов договор, покрај постоечкиот Договор за добрососедство и пријателство, чие исполнување сега ќе го мониторира ЕУа.

„Со новиот договор на перфиден начин се оспорува македонскиот идентитет, историјата и јазикот и истовремено не се нудат гаранции дека Бугарија ќе престане да излегува со нови барања, уцени и блокади. Конечниот став ДС ќе го изгради по добивањето на интегралниот текст на предлогот и негова подлабинска анализа“, велат од Демократскиот сојуз.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот