Дебата во ОН и обид за нова резолуција поради ескалацијата на насилството во Газа

Обединети нации / Фото EPA-EFE/JUSTIN LANE

Вечерва Генералното собрание на Обединетите нации ќе се обиде да усвои необврзувачка резолуција за решавање на најновата ескалација на насилството помеѓу Израел и Палестина. Во име на 22 арапски земји, Јордан предложи нацрт-резолуција, која Израел однапред ја отфрли. Бидејќи Советот за безбедност не успеа да усвои резолуција за конфликтот меѓу Израел и Хамас, ова е обид да се слушне одреден глас од најголемата светска организација, пренесува Кликс.

Јорданскиот нацрт, на кој му е потребна поддршка од две третини од присутните членови и кои гласаат за да биде усвоен, повикува на „итен, траен и одржлив хуманитарен прекин на огнот, што ќе доведе до прекин на непријателствата“. (Претходната верзија бараше „итен прекин на огнот“.)

Нацртот, ко-спонзориран од четириесетина земји, главно се фокусира на страшната хуманитарна ситуација во Газа, која Израел продолжува да ја бомбардира.

Во документот се повикува на „итно“ снабдување со вода, храна, медицински материјали, гориво и електрична енергија, како и непречен пристап на хуманитарните агенции кои се обидуваат да им помогнат на Палестинците.

Нацртот ги осудува сите акти на насилство насочени против палестинските и израелските цивили, вклучително и сите акти на тероризам и неселективни напади, но не го споменува Хамас, па наиде на осуди од израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан, кој рече дека „единственото место на оваа резолуција е во корпата за отпадоци“.

Канада предложи амандман со кој „недвосмислено ги отфрла и ги осудува терористичките напади на Хамас“ на 7 октомври и земање заложници и повикува на итно и безусловно ослободување на заробениците.

Земјите од Европската унија се поделени околу јорданската резолуција, но тие едногласно го поддржуваат амандманот предложен од Канада. Според процедурата, членките на ОН прво ќе го кажат своето мислење за канадскиот амандман, по што ќе следи гласањето за резолуцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот