Дали масакрот во Буча за Русите ќе прерасне во нов Рачак?

Масакр во Буча, Фото: Твитер

Украина во саботата објави дека добила целосна контрола врз регионот околу Киев поради повлекувањето на руските трупи од оваа област. Подоцна во саботата, украинското Министерство за одбрана објави видео на „Твитер“ на кое се гледаат украинските сили како возат низ Буча, град со околу 30.000 жители и мртви тела расфрлани низ градот.

По неколкунеделната окупација на овој град, руските трупи егзекутирале голем број цивили, произволно и без никакаква причина, соопшти Киев.

Градоначалникот на Буча, Анатолиј Федорук, изјавил за АФП дека 280 луѓе биле закопани во масовни гробници.

Украина ја обвинува Русија за извршен масакр врз цивилно население во Буча, но Русија овие тврдења ги нарекува воена пропаганда. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги обвини руските сили за геноцид.

Украинското обвинителство соопшти дека се пронајдени вкупно 410 тела во градовите во близина на Киев и дека „ќе собере и зачува докази за геноцидот предизвикан од руската агресија.

Руската војска негираше дека убила цивили во Буча, велејќи дека се повлекла од градот на 30 март и ја обвини Украина за фалсификување снимки од западните медиуми.

Илјадници загинаа во војната, а речиси 4,2 милиони Украинци мораа да ги напуштат своите домови, вклучително и 90 отсто жени и деца, од почетокот на руската инвазија на 24 февруари.

Меѓународната заедница го осуди ова воено злосторство оценувајќи дека масакрот преставува „суровост невидена во Европа со децении“. Многумина западни политичари побараа „руските власти да одговараат за овие злосторства“, нарекувајќи ги „кукавички убиства на стотици цивили “.

Масакрот во Буча веќе се споредува и со настаните кои се случија кон крајот на деведесетите години на минатиот век во војните на просторите на поранешна Југославија.

Дел од светските политичари се потсетија на случувањата на градот Вуковар кој стана синоним за цивилните жртви и разурнувања. Од друга страна, многумина настаните во Буча ги поистоветија со случајот Рачак.

Случајот Рачак е името на вооружениот конфликт меѓу српската полиција и албанските бунтовници за време на полициската акција на 15 јануари 1999 година во косовското село Рачак, како и на истражните и политичките настани што ги предизвика овој случај .

Контроверзност за настаните во Рачак предизвикуваат сè уште спротивставените ставови, како и различните заклучоци од обдукциите, контрадикторните и пристрасни информации во медиумите и значајните политички последици што произлегуваат од тоа.

Ставовите за акцијата на српската полиција, од една страна, пред се засновани на изјавите на Вилијам Вокер, тогашен шеф на Мисијата за верификација на Косово (КВМ) на ОБСЕ, се дека српската полиција со поддршка на југословенската армија масакрирала невини албански цивили. Другата страна, пак, е на мислење дека станува збор за легитимна антитерористичка акција на полицијата против вооружените припадници на терористичката организација Ослободителна војска на Косово, која политички била искористена како повод за конструирање наводи за масакр на цивили со цел да се создаде легитимитет за бомбардирањето на НАТО.

Случајот „Рачак“ беше дел од обвиненијата против неколку високи функционери на Сојузна Република Југославија предводени од тогашниот претседател Слободан Милошевиќ, но обвинителот се откажа од тој дел од обвинението.

Останува да се види каков епилог ќе добие од трагичниот настан, односно маскарот во Буча. Дали ќе се дознаат виновниците и ќе бидат изведени пред лицето на правдата, или можеби по кој знае кој пат, под изговор на војната, егзекуторите ќе го избегнат соочувањето со правдата.

ВИДЕО | Атовска од Украина: Ужас во Буча – расфрлани тела, убиени цивили, обид за масовни гробници

Дали масакрот во Буча за Русите ќе прерасне во нов Рачак?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот