Дали Бугарија конечно ќе добие вистински проевропска влада

Избори во Бугарија / Фото: Профимедиа

На 2 април 2023 година, Бугарите гласаа на нови петти по ред парламентарни избори во земјата кои се одржаа во последните две години. Сепак малку веројатно е дека нешто ќе се промени во односот на силите во бугарскиот парламент (Народното собрание) и по овој изборен циклус, со забележителен исклучок на порастот на уделот на проруските и евроскептичните партии. Иако во последните две години имаше проевроатлантско мнозинство во сите избрани парламентарни состави, водечките политички партии сепак не успеаја да формираат стабилна влада, оставајќи ја власта во рацете на низа преодни влади со јасни врски со Кремљ.

Ова меѓудругото се наведува во анализата објавена на Центарот за демократски студии од Софија посветена на предикциите за последните избори во земјата. Како што наведува ЦДС во земјата растат ултра-конзервативни националистички движења за кои властите засега не ги перцепираат како сериозна опасност.

Што се случи?

Имено според ЦДС, популарната поддршка за Украина, ЕУ и НАТО континуирано опаѓа во Бугарија, каде сето тоа е поттикнато од немилосрдните негативни пораки од претседателот Румен Радев, неговите преодни влади и ултра-конзервативните националисти. Претседателот Радев ги означи политичките партии кои во минатиот парламент гласаа за воена поддршка за Украина како „воиндушници“. Тој постојано се закануваше дека ќе стави вето на дополнителни санкции на ЕУ кон Русија и изрази апели за мир слични на Кина, усогласувајќи се со унгарскиот премиер Виктор Орбан, се посочува во текстот на ЦДС.

Постизборен ќор-сокак

Во меѓувреме прелиминарните резултати покажуваат скоро нерешено на врвот (со помалку од 2% разлика помеѓу победникот Граѓани за европски развој на Бугарија – Унија на демократски сили (ГЕРБ-СДС) и вториот Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија (ПП-ДБ), но има пораст на поддршката на ултрадесничарската партија Преродба (Вазраждане), која стана трета по големина парламентарна партија во земјата. Ова веројатно дополнително ќе ги охрабри гласовите против ЕУ и НАТО и проширување на прорускиот политички простор во земјата.

Најлошо сценарио

Крајно десничарската, проруска партија Преродба која се залага Бугарија да излезе и од НАТО, тврди дека собрале половина милион потписи за поддршка на иницирање референдум против усвојување на еврото како национална валута, и има намера оваа партија да ги достави потписите на обработка во првата недела од април. Бугарската социјалистичка партија (БСП), исто така, започна да собира потписи на темата за она што беше основана а тоа беше дезинформативна наративност на Кремљ за „заштита на традиционалните вредности против родовата идеологија на ЕУ“.  Партијата „Има таков народ“ (ИТН) на пејачот и шоуменот Слави Трифонов, која исто така повторно влегува во парламентот по чудниот последен час и пораст на поддршката од гласачите на последните избори, во меѓувреме се подготви да распише референдум за промена на Уставот на земјата од парламентарна во претседателска република.

Сите три референдуми најверојатно ќе слетаат за одлука на бирото на претседателот Радев за потпис до октомври 2023 година, кога се предвидуваа одржување на редовните локални избори во земјата, кои исто така би можеле да се совпаднат со уште еден круг парламентарни избори, доколку актуелните избори не успеат да создадат стабилна влада и парламентарно мнозинство. Ова според ЦДС може дополнително да го навалува полето за игра во корист на антисистемски и проруски актери кои се активни во земјата.

Што е следно

Овој ќорсокак создава опасна политичка нестабилност наведува институтот од Софија. На Бугарија и треба влада со амбициозна реформска агенда, но таа не може да се справи со сè одеднаш. Со војната во Украина, приоритет треба да биде националната и меѓународната безбедност на Бугарија, што значи итно разбивање на мрежите на влијание контролирани од Кремљ. Спротивставувањето на стратешката корупција поврзана со руското малигно влијание би можело да биде почетна платформа за формирање на работно (па дури и уставно) мнозинство во бугарскиот парламент по конечните резултати на избориве, но и формирање на прозападен владин кабинет, макар тој бил и со скратен мандат од 18 или 24 месеци, заклучува во својата анализа ЦДС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот