Далечна и незнајна култура открива научно-фантастичниот „Арт-зборник Верлосен“

Симон Калајџиев и Зориа Петкоска Калајџиева

Издаваштвото „Флип бук букс“ на 25 септември во „Паблик рум“ во Скопје ја промовираше книгата „Верлосен Арт-зборник“. Арт-зборникот е иновативно издание од областа на научната фантастика кое содржи 70 цртежи од серијата насловена „Аракнајтс готика“ на Симон Калајџиев, како и 20 записи од 14 приложувачи напишани како дополнување на цртежите. Автор на книгата е ликовниот уметник Симон Калајџиев, а приредувач е Зориа Петкоска Калајџиева.

– Насловот „Верлосен“ е збор преземен од германската група јазици и е амалгам на значењата „изгубено“, „заборавено“, „избришано“, што се однесува и на собраните дела во овој арт-зборник, кои претставуваат фрагменти од далечна и незнајна култура – открива авторот Симон Калајџиев.

Со „Верлосен“ тој прави врска меѓу доцниот феудализам и една замислена постапокалиптична иднина. Инспирацијата за делата ја влече од историјата, раното модерно време на Европа во 15 век, хуманизмот и ренесансата, селските буни, реформацијата и други историски настани. Симон Калајџиев е уметник и футурист кој живее и работи во Токио како професионален илустратор во архитектонската фирма „Никкен Секкеи“.

Други автори на дел од текстовите во зборникот се Адам Старкастер, Брајан Ган, Вилоу Хит, Влад Кухар, Дамјан Цветков-Димитров, Карл Жерно, Кристофер Арнолд, Лорен Сингер, Стефан Палитов, Фиби Аморосо, Христијан Павловски, Џулија Масети, Џој Волер.

Преводот на текстовите од англиски јазик е на Зориа Петкоска Калајџиева со Елена Коруноска Кавракова, Никола Ѓелинчески и Горјан Костовски. Главен уредник на „Флип бук букс“ е Жарко Иванов, а уредник на изданието е Дарин Ангеловски. Промотор на арт-зборникот беше мултимедијалниот уметник и дизајнер Дијана Томиќ.

Промоцијата на книгата беше проследена со изложба на цртежи на Симон Калајџиев од сериите „Аракнајтс готика“, „Олпест“ и „Аракнајт ракописи“. Во склоп на промоцијата се одржа настап на харфистката Џулија Масети од Обединетото Кралство, која за првпат го изведе својот нов сингл „Sonnet to the Monstrous“ од „Верлосен“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 198, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30.09-01.10.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот