Дај друго дете од Пакистан, нашите заминаа во Германија

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Македонија се сака така што ќе се гради како успешна земја, така што на децата ќе им се дадат најдобрите учебници, за наставниците ќе се изберат луѓе со врвен морал, за полицајци луѓе со беспрекорна биографија три колена наназад, а за министри и директори во јавни институции- воопшто и не треба да се дискутира за нивниот интергитет.

Само во 2022 година над 53.000 наши граѓани се преселиле во Германија. Претходната, 2021-ва година таму заминале 32.000 Македонци, а според последниот попис од 2022 година во Германија живеат 222.000 нашинци, објави Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“.

Иако сите знаеме дека многу млади си заминаа од земјава, дека се опустешија мали градови каде цели семејства ставија клуч на врата, сепак овие бројки одекнаа како силен шамар и сурова потврда за поразувачката депопулизација и тоа на работоспособно активно население.

Секоја политичка партија во својата предизборна програма има нешто на тема како да се задржат младите во земјава. И за следните избори, кога и да се, програмите ќе бидат полни со мерки, а опозициските обвинувања преполни со реченици во разни варијанти, но само со игра на зборови на иста тема „младите ни заминаа“. Но, не заминаа само младите. Заминаа и повозрасните. И како што „мириса“ уште ќе си заминуваат.

Миграцијата е глобален тренд и никој не може да го спречи. Со стареењето на населението и со падот на природнит прираст што генерално се случува во сите европски земји, тие што имаат помоќна економија и што може повеќе да платат, ќе си соберат онаков кадар каков што им треба од послабите економии. Но сепак, иако ова теоретски лесно звучи, напуштањето на сопствената татковина е тешка одлука. Работата е колку таа тешка одлука станува полесна под пристисок на различни „околности“. Очигледно тие „околности“ создале масовно иселување, па така додека овде се водат фејсбук битки и се нижат брутални говори на омраза со националистички и разни хомофобични призвуци, многу деца на истите тие борци за Македонија веќе си заминаа од државава.

Дел од „околности“ што натераа толку народ да се отсели се: возење по една лента накај Велес, иако се плаќа патарина за автопат, небезбедно патување од Скопје до Охрид иако пред речиси 10 години почна да се гради автопатотот од Кичево до Охрид кој според последните проенки треба да чини околу 600 милиони евра (а до крај на изградбата, секако ако се случи, кој знае колку и ќе биде), кал до коленица во многу улички во приградски населби, регионален развој само на хартија, преполни болнички ходници, недостиг на клучни лекари во многу поголеми, а да не зборуваме за помали градови…. Финансиските скандали во последниве 3 децении, тешко дека може да се изборојат, само што веќе стотици илјади евра и не се некоја вест, се повеќе се слуша за милиони евра. Недовребата во судството е „рак -рана“ а измените во Кривичниот законик доведоа до точка на вриење. Врв на сите скнадали, останува оној за кражбата на биолошка терапија за онколошки пациенти.

Секако, личните финансии, односно борбата за повеќе пари, веројатно е приоритет број еден за иселувањето. Сега сите работодавачи (истите оние кои ги диктираа платите) алармираат дека не можат да најдат работници од различни профили – недостигаат хигиеничари, продавачи, наставници, доктори… Работодавачите од труидоинтензивните дејности се особено гласни за „увоз“ на странци од Пакистан, Бангладеш, или било од каде и да е, само да ги прифатат нашите плати. Или во превод, откако општетсвените околности во спрега со бизнис олигархијата само лани испратија 53.000 луѓе во Германија на трајна печалба, сега ние ќе бараме работници од земји послаби од нас. Но, како што би кажал министерот за економија Крешник Бектеши (кога зборуваше за профитите на трговците), стопанствениците си зацртале колкав профит сакаат да имаат и ништо друго не ги инетерсира!

Во меѓувреме, се ниже празна реторика. Но, Македонија се сака така што ќе се гради како успешна земја, така што на децата ќе им се дадат најдобрите учебници, за наставниците ќе се изберат луѓе со врвен морал, за полицајци луѓе со беспрекорна биографија три колена наназад, а за министри и директори во јавни институции- воопшто и не треба да се дискутира за нивниот интергитет. Во спротивно, уште многу наши граѓани ќе испратиме во странство, а нивните мајки, татоковци, баби и дедовци ќе ги негуваат, лекуваат и тешат странците од далечни земји што ќе ги прифатат нашите плати и патишта кои сепак се подобри од нивните. Ова баш и не е некоја стратегија!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот