Да зборуваме подобро едни за други
За помирување, можеби, не е доволен, а можеби ни клучен, политички договор. За помирување е потребно нешто што ги менува работите во длабочина, што влегува во срцата и во главите на луѓето и ги тера да омекнат и да почнат да гледаат сосема поинаку едни на други.
Како поминува времето, склон сум да мислам дека и кога би постигнале договор со Бугарите – проблемот нема да исчезне. Да речеме дека до договор ќе дојде, ама непријателството има голема шанса да остане, омразата да тлее, историските наративи да се продлабочуваат, дијаметрално спротивни на балканското разбирање на историјата и на идејата за „вечно“ непомирливиот конфликт помеѓу Македонците и Бугарите, што трае одамна и ќе трае во недоглед.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
За помирување, можеби, не е доволен, а можеби ни клучен, политички договор. За помирување е потребно нешто што ги менува работите во длабочина, што влегува во срцата и во главите на луѓето и ги тера да омекнат и да почнат да гледаат сосема поинаку едни на други. За помирување најнапред е потребно извинување од двете страни, а потоа да почнеме да зборуваме некои други приказни од вообичаените.
Крваво минато
Тие приказни треба да ги растурат старите предрасуди што ги имаме едни за други или често повторуваме лаги што со текот на времето ни се востановија како „вистини“, за кои ние мислиме дека ни се важни.
Истражувајќи ги стереотипите на Западот – што истражувајќи, читајќи ги – за „крвожедниот и нецивилизиран“ Балкан како различен во однос на Европа, бугарско-американската историчарка Марија Тодорова во книгата „Имагинарен Балкан“ изнесува парадоксална констатација: „Навистина, има нешто специфично неевропско во фактот дека Балканот никако не успева да ги достигне димензиите на европските колежи“. Или, со други зборови, историјата на европските народи, пред сѐ меѓусебната историја на Германците, Французите и Англичаните, неспоредливо е покрвава и побрутална отколку односот помеѓу Македонците и Бугарите.
Западна Европа беснееше во политички и граѓански војни уште од средниот век, а во религиозните војни помеѓу католиците и протестантите сѐ до 17 век. Да речеме, помеѓу Англија и Франција имаше „стогодишна војна“, со кратки прекини водена од 1337 година до 1453 година. Натаму, Западна Европа има голема и долга историја на верски војни – да ја споменеме само Бартоломејската ноќ во 1572 година, кога француските католици брутално си убиле десетина илјади свои сонародници склони на реформација, а таканаречениот „триесетгодишен конфликт“ што беснееше во Западна Европа помеѓу 1618 и 1648 година однесе 8.000.000 животи во Германија и во Средна Европа.
Важниот дел на таа „друга приказна“ во наративите на кои инсистирам на самиот почеток е дека Македонците и Бугарите може да бидат помирени и може да бидат пријателски соседи. Многу е важно да се потенцира дека нам нужно ни е потребен дијалог, и нужно ни се важни некои други приказни и наративи од постојните, кои се лесни за „политика“, ама тешки за вистински договор. Историјата на нашите недоразбирања е далеку помала, отколку што обично се мисли – дека ние не сме радикално Други, туку сме слични и блиски едни на други, дека отсекогаш сме биле добри соседи и дека ќе продолжиме и натаму да бидеме. Нема ништо во нашата сегашност што ги оправдува приказните за нашата вечна омраза, непријателство и конфликти, од кои следат само омраза, конфликти и, скраја било, крвопролевање.
Ми се чини дека пречесто сме склони да не си признаваме на себе како национализмот секогаш дезинтегрира, секогаш ги замаглува диоптриите и фокусот. Од друга страна, ние зборуваме на различен јазик со Бугарите, а сигурно можеме да најдеме заеднички јазик и таа напнатост да ја смириме во срцата и во главите на нашите два, најблиски народи. Сакам да кажам, да одмориме од историските наративи, да престанеме да зборуваме за бурното минато, страдање и крв.
Да почнеме да си испраќаме пораки кои носат соработка и пријателство, а таа соработка и пријателство – колку и да ја негираме – доаѓа од длабочината на нашето културно, па и политичко искуство, и тоа се единствени теми кои се вредни за зборување. Да почнеме да зборуваме поинаку.
Домашни приказни
Другата страна на медалот во нашиот домашен дискурс ги следи приказните за „предавници“ и „патриоти“. Проблемот со Бугарите овие наративи ги заостри кај нас дома. Во времето на титоистичкиот „мек комунизам“, националистите беа тешка маргина, практично без пристап до медиуми, во јавното мнение беа повеќе невидливи, отколку видливи. Таквата „подредена“ позиција во еден идеолошки поредок на работите и појавите ги направи малцински субјект. Денешните проблеми, барем онака како што ги разбираат нашите националисти, се движат од тоа дека „Заев ќе не предаде“, до онаа сеприсутна, „Заев да ни каже јавно за што преговара“. И двете нарации се шупливи до болка, бидејќи не ја рефлектираат суштината и длабочината на проблемот.
Ниту нешто Заев продава, ниту е возможно – и кога би сакал, а не сака – да предаде. Оти за нешто да предадеш, ти мораш да го посредуваш она што го предаваш, а досега не постои предавство на национален идентитет и јазик затоа што тие работи се невозможни за предавство. Додека има век и свет, ние ќе биде Македонци кои зборуваат македонски јазик. Како се предава колективен идентитет: во гајба, на виљушкар, во гепек од автомобил?
На крајот, би сакал да предупредам на еден детаљ. Во војна, во беда, во клептократија, во авторитаризам и во останати лудила кои го потхрануваат Западниот Балкан, може повторно се да се сруши и да се претвори во коров, може повторно се да се претвори во мрак; наша обврска е да потикнуваме „добри вибрации“ и шанса за решение на билатералните спорови со соседите, во спротивно, ви велам, многу отворено и јасно: нема да помине долго време кога ќе се вратат оние кои ја „помочуваат“ својата територија на која ништо повеќе нема да се знае кој-е-кој и што-е-што. Размислете малку околу тоа.
(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).


