Да не сте ни помислиле на вашето куче или маче да им давате од оваа храна!

Еве го списокот на 10 јадења што милениците не треба да ги пробаат под никакви околности.

Кога бевте дете, веројатно сте слушнале од вашите родители: „не храни го кучето (или мачката) од масата за вечера!“ И со текот на времето, сфаќате дека биле во право. Не само што хранењето на вашето куче или мачка од масата на која вие јадете создава лоши навики на питачење кај вашето домашно милениче, туку таа храна не е добра за него.

Многу јадења кои му се омилени на човекот се премногу калорични за вашето домашно милениче и може да предизвикаат прекумерна телесна тежина доколку секојдневно миленичето ги јаде остатоците од трпезата. А домашните миленици со прекумерна тежина имаат цела низа здравствени ризици.

Сепак, постојат и непосредни опасности со кои вашето домашно милениче може да се соочи ако внесе храна која вие ја јадете, а некои видови на храна може да предизвикаат и фатални последици.

Еве го списокот на 10 јадења што милениците не треба да ги пробаат под никакви околности.

Лук и кромид

Голем број на вообичаени зачини, вклучувајќи ги лукот, кромидот и пиперчињата, можат да предизвикаат проблеми – и помали и сериозни – за вашата мачка или куче. Оваа храна може да му донесе на вашето домашно милениче проблеми со дигестивниот тракт, напади на астма, оштетување на црвените крвни клетки и голема штета на црниот дроб.

Вашето домашно милениче може да заврши со повраќање и дијареја, губење на апетит и на енергија, а може дури и да умре.

Иако повеќето мачки и многу кучиња не го сакаат вкусот на лукот и кромидот, тие се толку чести во нашата исхрана што лесно може да се проголтаат доколку се наоѓаат во манџа и друга приготвена храна.

Млеко

Можеби мислите дека е слатко да ја видите вашата мачка како пие млеко од чинијата, но факт е дека ниту мачките ниту кучињата се во можност да ја сварат лактозата. Така, миленичињата на кои им се дава млеко може да завршат со иритација на желудникот и цревата, што доведува до дијареја и бројни непријатности.

Алкохол

Некои мачки и кучиња навистина уживаат во вкусот на пивото или други алкохолни пијалоци. Тие можат да лижат од чашата за пиво или дури и од горниот дел на шишето. Но, иако ова може да изгледа смешно, миленичињата можат да завршат болни или да умрат од труење со алкохол.

Повеќето миленици се многу помали од луѓето и количината на алкохол што треба да ја внесат пред да се појават проблеми е многу помала отколку што мислите! И од најмала доза на алкохол, вашето домашно милениче може да заврши со напади, да падне во кома или да умре.

Чоколадо и кофеин

Друга изненадувачки опасна храна за домашните миленици се чоколадото и кофеинот. Само две- три коцки чоколадо може да доведе до треперење, абнормален срцев ритам и смрт кај мало кученце или мачка. Помало количество на кофеин пак, ќе доведе до немир, задишаност и повраќање.

Грозје и суво грозје

Дали знаевте дека хранењето на вашето домашно милениче со неколку зрна грозје или малку суво грозје може да предизвика повраќање, депресија, откажување на бубрезите, па дури и смрт? Иако не е јасно зошто оваа храна предизвикува такви екстремни реакции кај домашните миленици, истражувањата го докажале тоа.

Ако вашето домашно милениче навистина сака овошје, дајте му јаболка, банана или портокал, со извадени семиња, и држете се подалеку од грозјето.

Авокадо

Друга храна за која мислите дека е безопасна за домашните миленици, но всушност е прилично токсична за нив – е авокадото. Авокадото содржи персин, што е исклучително токсичен за кучињата и мачките дури и во многу мали количини. И мала количина авокадо може да предизвика сериозни проблеми, отежнато дишење, акумулација на течност околу срцето и смрт.

Коски и сирово месо

Ова може да биде едно од најконтроверзните предупредувања, имајќи предвид дека многу луѓе сметаат дека сировата храна е најдобра за мачки и кучиња, но коските и сировото месо може да имаат нездрави последици за вашите миленици. На пример, одредени видови коски можат да се распарчат и да се заглават во грлото или стомакот на вашето милениче. Сировото месо пак, може да донесе бактерии кои можат да го разболат вашето куче или мачка.

Леб и пецива направени со повеќе квасец

Домашните миленици кои внесуваат квасец можат да доживеат многу болна надуеност на желудникот и цревата, што дури може да доведе до прекин на дигестивниот тракт.

Вештачки засладувачи

Никогаш не треба да му дадете на вашето домашно милениче храна која содржи вештачки засладувачи. Може да дојде до загуба на координација, повраќање, летаргија, напади, но и откажување на црниот дроб.

Јаткасти плодови

Дали знаевте дека само 6 ореви можат да предизвикаат смрт кај вашето домашно милениче? Вистина е, оревите се прилично токсични за кучињата и во сирова и во печена форма. Ако вашето домашно милениче ја јаде оваа храна може да доживее слабост, парализа на задниот дел на телото, треперење, па и смрт.

Постојат многу трпезни јадења што се опасни за домашните миленици, затоа бидете сигурни дека вашето домашно милениче никогаш нема да добие пристап до храната спомената погоре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот