Да не се гради спорниот хотел во Лагадин, „силно препорача“ Националната комисија за УНЕСКО

Националната комисија за УНЕСКО денеска на седница донесе заклучок на Општина Охрид да ѝ се препорача повторно да ги разгледа активностите поврзани за изградба на објект на крајбрежјето во Лагадин, притоа водејќи се по препораките од Реактивните мониторинг мисии на советодавните тела на УНЕСКО и одлуките на Комитетот за светско наследство и почитувајќи го Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.

– Силно препорачуваме сите активности поврзани со овој објект да бидат ставени во мирување до конечноста на одлуката на Општина Охрид, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по седницата на Националната комисија за УНЕСКО.

Исто така, на Општина Охрид ѝ се препорачува, рече министерката, да ја поништи Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко-плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, број 08-17370/61 од 22 декември 2022 година и да донесе нова Одлука која ќе биде во согласност со Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, имајќи предвид дека во Законот управувањето со светското природно и културно наследство е од јавен интерес.

– Во новата Одлука Општина Охрид треба да има предвид дека Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не предвидува исклучоци како што е наведено во членот 4 од Одлуката за начин на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации и донесување нови урбанистички планови и урбанистички проекти, како и за начинот на водење на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, број 08-17370/61 од 22 декември 2022 година, рече Костадиновска-Стојчевска.

Мајстори пак работат на хотелот-дивоградба во Лагадин, алармираат екологистите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот