Д-р Петличковски: За да имаме колективен имунитет, треба да се вакцинираат половина од граѓаните што не прележале ковид-19

Доктор Александар Петличковски/ фото: Архива на Слободен печат

За да се постигне колективен имунитет во земјава, треба да се вакцинираат половина од граѓаните кои не прележале ковид 19, вели за Слободен печат, директорот на Институтот за имунологија, професор доктор Александар Петличковски. Според него, предвидувањата на министерот за здравство Венко Филипче, дека колективен имунитет ќе имаме до крајот на летото е сосема можно да се остварат, но за таа цел дневно ќе треба да се аплицираат барем 10 илјади вакцини и тоа во континуитет.

-Ние претпоставуваме дека во моментот над 50 проценти од општата популација, а можеби и до 60 проценти, според статистичките пресметки, има остварено имунитет. Најголем дел од нив го оствариле имунитетот, заради прележување на болеста. Тоа се речиси милион луѓе. Последниве бројки за покриено население со вакцини се над 120 илјади вакцинирани луѓе во моментот. Вкупно треба да имаме 80 проценти население со стекнат имунитет или преку вакцина или со прележување, за да имаме колективен имунитет. Тоа ќе биде крај за епидемијата. Изјавите кои ги слушнавме од министерот за здравство може да станат реалност, но за таа цел ќе треба најмалку 10 илјади вакцини дневно да бидат аплицирани и вакцинирањето да трае во континуитет, изјави доктор Петличковски за „Слободен печат“.

Запрашан дали кога мутациите од Индија и Бразил би пристигнале во Македонија, би го нарушиле нашиот колективен имунитет, професорот вели дека компликациите од овие варијации на вирусот нема да бидат големи.

-Можеби малку можат да закомплицираат, но овој имунитет што е стекнат и кој се стекнува секојдневно со вакцините, сигурно нема да не остави без заштита дури и во случај да дојдат кај нас индиските и бразилските мутации. Во таков случај ние како популација нема да стартуваме од нула доколку се имаме имунизирано, било со помината болест, било со вакцини. Можеби тој имунитет нема да биде стопроценти ефикасен, но и луѓето кои евентуално ќе заболат од вирус со новите мутации, нема сигурно да ја имаат тешката клиничка слика, туку ќе имаат многу полесна клиничка слика, вели Петличковски.

Колективниот имунитет всушност ќе значи дека вирусот повеќе нема да може да се пренесува од човек на човек.

-Ако голем дел од населението има имунитет, оние кои имаат имунитет излегуваат од игра. Во нив вирусот не може да се пренесува и да се размножува. Кога тој процент на луѓе со имунитет, односно луѓе кај кои на вирусот му е забранет влез ќе биде над 80 проценти, вирусот веќе нема каде да се шири и тоа ќе биде крај за неговото ширење и крај на епидемијата. Колективен имунитет се постигнува со различен процент за различни болести. За некои болести треба да е над 95 проценти, за други 60 проценти од населението треба да е покриено. За сегашната ситуација со ковид 19 се предвидува дека кога над 80 проценти од населението ќе постигне имунитет, ќе биде невозможно вирусот понатаму да се шири и тоа ќе биде најнапред успорување а потоа и завршување на пандемијата, додава експертот за имунологија.

Тој смета дека вакцината нема да треба да биде аплицирана доживотно кај граѓаните, меѓутоа ставот го дава резервирано, бидејќи станува збор за тема која ќе се расчистува во наредните две до три години.

-Можно е да има некоја ревакцина, но не мислам дека епидемијата од ковид ќе се случува секоја година. За скоро време ќе имаме податоци, но мислам дека нема да биде потребно секоја година да се аплицира вакцина за ковид, додаде Петличковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот