Д-р Петличковски: Лично не мислам дека ќе има нова варијанта на коронавирусот која ќе загрижува
Во моментов во државата доминира сојот „стелт омикронот“ – БА2 на коронавирусот, кој е дојден пред неколку недели, а „делта“-сојот воопшто го нема, вели претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски, во интервју за Макфакс.
Препорачано
Според него, „стелт омикрон“ е позаразен, но со иста клиничка слика од претходниот и тоа, како што оценува тој, не остава простор за поголема загриженост и паника меѓу населението.
„Лично не мислам дека во иднина ќе има нова варијанта на ковид која ќе биде загрижувачка“, вели Петличковски додавајќи дека сепак треба да бидеме претпазливи.
Првиот човек на Комисијата за заразни болести не очекува дека кај нас ќе има нов пик на пандемијата, туку според него, „тоа ќе биде една продолжена опашка од пикот кој е во залез“.
Според проценките на д-р Петличковски, граѓаните ги очекува подобар период, особено во текот на летото.
Тој најави нови одлуки на утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести и укинување на дел од протоколите кои се донесени уште на самиот почеток на пандемијата.


