Д-р Кузмановски три месеци ќе оди на обука па ќе полага испит ако сака да му се продолжи лиценцата, одлучи Лекарската комора
Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора го разгледа поднесеното барање за продолжување на лиценцата за работа на доктор Игор Кузмановски од Клиниката за неврологија.
Препорачано
Како резултат на констатираните наводи и за да се гарантира заштитата на пациентите и интегритетот на лекарската професија, Комората, покрај законски утврдените услови, донесе одлука за преземање на дополнителни мерки. Имено, беше одлучено дека д-р Кузмановски, за да може неговото барање за продолжување на лиценцата да биде одобрено, мора да помине тримесечна специјализирана обука под директно водство на ментор. По завршувањето на обуката, докторот ќе подлежи на испит за детална проверка на стручните знаења и способности, велат од Лекарската комора.
Оттаму велат дека Законот за здравствена заштита прецизно ги утврдува условите за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценците за работа, а во моментов не постои судска пресуда или друг правен акт кој би условил одбивање на барањето за одземање на лиценцата. Во ваква ситуација Комората ја користи законската можност да наметне засилен механизам на контрола и едукација.
Паралелно со ова во Комората тече и сеопфатна процедура поврзана со неговото етичко однесување како доктор. Комората даде јавна и остра морална осуда за однесувањето на докторот, јасно ставајќи до знаење дека со своето однесување тој ги крши етичките принципи и го нарушува интегритетот и угледот на лекарската професија. За да се донесе конечна, издржана и најправедна одлука, Комората ги очекува извештаите на комисиите формирани од Министерството за здравство и Универзитетската клиника за неврологија, кои треба да дадат поширока претстава за професионалниот лик и стручната способност на докторот во целина. Конечната одлука на Комората ќе биде донесена по темелна анализа на сите прибрани докази и извештаи, додаваат од Лекарската комора.
Од Клиниката за неврологија за „Слободен печат“ велат дека откако со одлука на в.д. директорот формираа внатрешни комисии, нивната работа уште е во тек. Комисиите разгледуваат два аспекти од работата на Кузмановски – како ги третирал од медицински аспект пациентите кои ги прегледувал во „Мој Термин“ во времето кога не бил лиценциран и една комисија за финансиското работење додека бил директор.
-Нивната работа е уште во тек, по што ќе бидат доставени заклучоци од извршениот надзор. Овие комисии работат независно и не сме во можност да одговориме на ова прашање се до моментот кога ќе ги имаме на располагање сознанијата и наодите од извршениот надзор. Инаку, од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат веќе беше извршен надзор, констатирани се недостатоци во работата на Клиника за неврологија за што е издадено решение. Во однос на работата на споменатиот доктор како здравствен работник без важечка лиценца за работа, како што информираше ДСЗИ се издава прекршочен платен налог, согласно член 309 од Законот за здравствена Заштита, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.
Врз основа на извештајот од ДСЗИ министерот за здравство Азир Алиу иницираше и комисија за стручен надзор.
Лиценцата за работа на докторите специјалисти е јавна исправа која ја докажува стручната обученост за самостојна работа на докторот на медицина. Докторите на медицина во Македонија мора да поседуваат соодветна лиценца за работа во зависност од нивната специјалност или супспецијалност. Лиценцата за работа се издава за период од 7 години.
Но, Кузмановски од 15 март годинава кога му истекла лиценцата за работа не ја обновил. Побарал обновување пред две недели, непосредно пред објавувањето на компромитирачкиот видео-материјал, а месеците пред тоа прегледувал пациенти без лиценца и располагал со факсимил издаден од Фондот за здравство. Од Фондот се оправдаа дека Клиниката за неврологија била задолжена да осигура дека лиценците на лекарите што ги имаат вработено им се валидни и важечки.
Неколку денови пред да биде објавено компромитирачкото видео на коешто се гледа дека Кузмановски меша бела прашкаста супстанција и зборува за квалитетот на „белото“, во полициска станица Карпош во Скопје, 54-годишна жена пријавила дека од септември тој ѝ упатувал заканувачки пораки по телефон. Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ потврди дека пријавата е примена и најави поднесок.
„На 4 октомври 2025 година во 20 часот, во СВР Скопје 54-годишна жена пријавила дека од месец септември И.К. од Скопје ѝ упатувал заканувачки пораки по телефон. Со него е извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок“, велат од МВР за „Слободен печат“.
Лекарската комора упати јавна морална осуда за колегата, а ДСЗИ соопшти дека парично ќе го казнат 500 евра за прегледување пациенти без лиценца. Прашавме во ДСЗИ дали докторот ја платил глобата но одговор не добивме.


