Д-р Игор Мерџаноски назначен за нов директор на ТОАРИЛУЦ
За нов директор на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) е назначен доктор Игор Мерџаноски. Од јули лани до денеска директорка на ТОАРИЛУЦ беше професор д-р Марија Срцева.
Препорачано
Д-р м-р супспецијалист Игор Мерџаноски е роден 1971 година во Гостивар. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје каде што завршил и специјализација по општа хирургија. Во 2018 година се стекнал со звањето супспецијалист по трауматологија. Тој исто така одбранил магистерски труд од областа Јавно здравје.
Мерџаноски поседува повеќе од 20 години искуство применувајќи најсовремени пристапи и методи на работа во различни хируршки интервенции во согласност со модерната медицина. Своето работно искуство го стекнал на Универзитетската клиника „Мајка Тереза“ во Скопје, но исто така и низ клиники во Европа, меѓу кои Германија, Австрија и Турција. Долгогодишен член е на AO Trauma организацијата и учесник на годишни конгреси во Хрватска, каде што бил и едукатор.
Мерџаноски поседува лиценца за судско-медицинско вештачење. Исто така, тој е член на здравствени комисии во земјата каде што придонесува со современи решенија за развој и унапредување на здравствениот систем, пишува во неговата биографија.


