д-р Горан Николов: Срцето во услови на ковид-19 пандемија

Почитувани, би сакале во неколку продолженија да го споделиме искуството од мултидисциплинарниот симпозиум „Што следи во пост-КОВИД-19 периодот?“ организиран од Pliva – TEVA.

Од започнувањето на пандемијата со ковид-19 помина една година. Сѐ започна во декември 2019 година, во Вухан, Кина, каде што се појави нов вирус од фамилијата на коронавируси, SARS Cov-2, предоминантно како респираторна болест. Пациентите имаат пулмолошки компликации, но и кардиоваскуларниот систем не е поштеден. Инкубацијата на болеста трае просечно 5 дена, а симтомите (потешките симптоми) се појавуваат околу десеттиот ден. Пациентите манифестираат: фебрилност, грозница, кашлање, искашлување, болки во целото тело и мускули, отежнато дишење, а поретко и главоболка, вртоглавица, повраќање, мачнина или пролив. Најчести лабароториски неправилности се: лимфопенија, тромбоцитопенија, зголемен CRP, зголемени LDH и D-димери, а поретко и зголемени CK, AST, ALT или билирубин. Вредностите на D-димерите корелираат со тежината на болеста, па така оние со повисоки вредности имаат потешка клиничка слика. Покачувањето на фибриногенот и фибрин се поврзани со ризик од дисеминирана интраваскуларна коагулација.

Механизмот на воспалителниот одговор најчесто се манифестира со обострано воспаление на белите дробови. Почесто се појавува кај постарата популација и оние со кардиоваскуларни заболувања. Тоа е поради тоа што вирусот директно се врзува за клетките на ендотелот за нивниот ACE-2 рецептор, со што компетитивно, индиректно доведува до создавање на воспалителни молекули, кое пак, доведува до воспаление на ѕидот на крвните садови – ендотелитис. Ендотелијална дисфункција е присутна кај повозрасните, дебелите, луѓето со шеќерна болест и пушачите. Таа се карактеризира со провоспалителна, протромботска настроеност и вазоконстриктција, а тоа води до зголемен ризик од создавање на засирок-тромб. Според тоа, овие пациенти се издвојуваат како ризична група на заболени со ковид-19.

Од пациентите заболени со ковид-19 кои имаат претходно кардиоваскуларно заболување, една четвртина манифестира белодробна емболија, а друга четвртина, манифестира срцев удар. Карактеристично за ковид-19 вирусот е што има директна цитотоксичност на срцето. Тој се врзува за ACE-2 рецепторите, а со тоа предизвикува хипоксемија, несоодветен однос меѓу кислородните потреби на ткивата и нивно снабдување (supply-demand mismatch) и последователно доведува до т.н. цитокинска бура, која е најчеста причина за смртен исход кај овие пациенти. Сите овие процеси конечно придонесуваат за развој на акутен коронарен синдром, инфаркт на срцевиот мускул, миокардитис, длабока венска тромбоза, како и белодробна емболија. Забележани се и нарушувања во спроведувањето на срцевите импулси, што доведува до појава на аритмии, понекогаш и животнозагрозувачки. Наведените состојби на крајот може да придонесат до развој на срцева слабост. Затоа што ковид-19 на прво место го зафаќа респираторниот, а потоа и кардиоваскуларниот систем, како прва сериозна манифестација може да биде белодробна емболија, а по десеттиот ден од инфекцијата, развој на срцев инфаркт.

Претходно кардиоваскуларно заболување негативно влијае на текот на инфекцијата со ковид-19. Исто така, староста е поврзана со потежок тек на инфекцијата. 25% од пациентите со ковид-19 имаат една или повеќе пропратни болести, како хипертензија, коронарна артериска болест и други заболувања. Веројатноста од развој на потежок клинички тек на болеста е двапати поголема кај пациенти кои имаат претходно срцево заболување. Токму затоа, во ова време, грижата за лекувањето и заштита на овие пациенти е од огромна важност. Исто така, хипертензијата сама по себе претставува независен ризик-фактор, независно од возраста на пациентот.

Испитувањата покажале дека антихипертензивните лекови, од групата на ACE-инхибиторите или блокатори на ангиотензин 2 рецептори, немаат влијание врз текот и исходот од инфекцијата со ковид-19. Напротив, пациентите мора да продолжат со редовното земање на својата антихипертензивна терапија со цел регулирање на крвниот притисок, а со тоа и намалување на ризикот од потежок клинички тек на болеста. Впрочем, сите кардиоваскуларни пациенти треба да продолжат да ги пијат своите лекови и да внимаваат на редовна хидратација, полесни оброци и одмор.

Почетните очекувани симтоми на ковид-19 инфекцијата, како температура, кашлање, општа слабост, намалено чувство за мирис и вкус, се третираат симтоматски (без антибиотици и кортикостероиди), сè доколку не се појават алармантни симтоми како отежнато дишење, долготрајна градна болка, конфузија, изразена слабост, модри усни или лице, каде што е потребна болничка грижа. Сатурација на кислород под 92% бара болничко иследување, додека пак под 90%, проследена со тахипнеа, тахикардија и цијаноза е причина за итна хоспитализација.

Ковид-19 вирусот не е вирус кој цели само кон оние со кардиоваскуларно заболување, но претставува додатно оптоварување и ризик кај овие пациенти. Со своите хиперкоагулабилни својства може да предизвика различни компликации како длабока венска тромбоза, белодробна емболија и срцев инфаркт. Кај тешките облици на инфекцијата поврзани со сериозни компликации потребно е да се следат параметрите на коагулација, D-димерите, електролитите, електрокардиограм. Секако, пациентите треба да продолжат со земање на својата хронична терапија.

Центар за внатрешни болести „Срце“ Тел. 02/3217-016, моб. 071/319-208

(комерцијален текст)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот