„Цитокинска бура“ – главна причина за огромната смртност од коронавирусот

Фото: EPA-EFE/ABBOTT

Феноменот „цитокинска бура“, претеран имунолошки одговор на организмот што резултира со тешки воспалителни промени, се чини дека има клучна улога кај тешките заболувања од ковид-19, пренесува АФП, додавајќи дека лекарите во моментов се беспомошни.

Претераната реакција на имунолошкиот систем се смета за главен причинител во катастрофалното затајување на органите и смрт кај дел од пациентите заболени од новиот коронавирус, но засега не е јасно до кој степен тешката пневмонија кај критично болните пациенти со ковид-19 е последица на вирусот или компликација поради претераната реакција на организмот.

Цитокините се протеини со мала молекуларна тежина, кои деjствуваат како посредници помеѓу деловите од имунолошкиот систем. Тие се излачуваат од разни клетки какви што се лимфоцити, моноцити, макрофази и фибробласти.

„Цитокинската бура“ е процес во кој нашиот имунолошки систем кога ќе се соочи со непознат вирус, реагира со прекумерно размножување на клетките на имунолошкиот систем што лачат цитокини, а кои, пак, ги активираат новите клетки на имунолошкиот систем.

Влошувањето настапува нагло

Треска, замор, сува кашлица – во четири од пет случаи на зараза со коронавирусот симптомите се „бенигни или умерени“, но исто така, може да дојде и до отежнато дишење и развој на тежок респираторен синдром. Ова се случува кај еден од пет или шест случаи кога е потребно хоспитализирање, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Тешкотиите со дишењето, чувство на притисок на белите дробови, усните и лицето што попримаат синкава боја се знаци на тревога и бараат итна медицинска интервенција, предупредува американскиот Центар за контрола и спречување на болести (ЦДЦ).

Повеќето хоспитализирани пациенти добиваат тешко воспаление на белите дробови и болеста ги погодува и двете белодробни крила, што е познат „потпис“ за сериозната болест.

Влошувањето честопати доаѓа нагло, седум дена по појавата на првите симптоми, објаснува Јаздан Јазданапана, шеф на одделението за инфективни болести во болницата „Бичат“ во Париз.

Оневозможен влез на кислородот во крвотокот

Со хиперимуната реакција, случајната хиперпродукција на цитокини што предизвикува „затнување“ на алвеолите во белите дробови, се создава едем што спречува влегување на кислородот во крвотокот, ги затнува крвните садови во бубрезите и другите органи, а за кратко време доведува до затајување на виталните системи на органите во организмот, при што, истакнуваат лекарите, најлошо е тоа што таквата реакција се случува многу брзо, во рок од 24 до 48 часа и лекарите се буквално немоќни да направат што било.

Состојба каде што белите дробови не ги снабдуваат виталните органи со доволен кислород бара употреба на респиратор.

„Сè повеќе имаме докази што укажуваат на тоа дека дел од пациентите со тешка форма на ковид-19 се подложни на ‘синдромот на цитокински шок’“, напишала во својот труд доктор Џесика Мансон од Универзитетскиот колеџ во Лондон, објавен во медицинскиот магазин „Лансет“.

Овој феномен на хиперинфламаторна бура е забележан и за него се пишува веќе 20 години и се поврзува со уште две опасни респираторни болести – САРС, од кој во Азија во 2002/2003 година починале 774 луѓе, и синдромот МЕРС на Блискиот Исток, кој однесе 886 животи од 2012 година.
Исто така, се шпекулира дека „цитокинската бура“ била во заднината на пандемијата на шпанскиот грип, што усмрти околу 50 милиони луѓе во 1918 година.

Лекарите се убедени дека прекумерниот одговор на имунолошкиот систем ги убива и пациентите со ковид-19 така што им го уништува ткивото. Поради тоа би требало да се смири „цитокинската бура“ во белите дробови, а без да се намали имунолошката бариера на причинителите на болеста, објаснуваат лекарите.

„Во моментов не постои ефикасен терапевтски третман против овој феномен“, тврдат лекарите во париската болница. Тие, исто така, предупредуваат дека примената на кортикостероиди, противоспалителни лекови, би можело да биде штетно за пациентите со новиот коронавирус.

 

Видео на денот